Потпишувањето на анексот, како што информираат од Владата, е предвидено за следната недела во Црна Гора. На средбата на која ќе биде потпишан документот помеѓу С Македонија и ЕУ, покрај министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, се очекува да присуствуваат и сите министри за транспорт од регионот, како и претставници на Траснпортната заедница и на Европската комисија, со што ваков анкес ќе се потпише меѓу сите држави од регионот и Европската комисија
Владата на денешната 153. седница ја резгледала и усвоила информацијата за потпишување на анекс на одлука на Европската комисија, со кој коридорот 8 е ставен на мапата на главните коридори на Западен Балкан, а во рамките на проширување на Трансевропските транспортни мрежи на Европската Унија.

Владата, како што се наведува во соопштението, го овластила министерот за траспорт и врски Благој Бочварски да го потпише документот.
„Владата, на денешната седница, ја разгледа и усвои Информацијата за Анекс на Одлука на Европската комисија, за потпишување „Разбирање на високо ниво помеѓу Европската Унија и Република Северна Македонија, за индикативните карти на Транс-европската транспортна мрежа во Република Северна Македонија. Со потпишувањето на овој Анекс, како што е образложено од Министерството за транспорт и врски, Коридорот 8 станува дел од мапата на главните коридори на Западен Балкан, во рамки на проширувањето на Транс-европските транспортни мрежи на Европската Унија“,
се наведува во соопштението од владината прес-служба.
Ова, според информацијата од Илинденска бр.2, е овозможено откако Европската Унија го прифати барањето на Северна Македонија, Бугарија, Италија и Албанија, коридорот 8 да влезе во мрежата главни коридори во регионот и во Европа.
„Целта на развојот на Транс-европските транспортни мрежи (ТЕН-Т) е обезбедување непречен, одржлив и ефикасен транспорт низ Унијата, зајакнувајќи го социјалното, економското и територијалното единство. А откако Европската комисија во декември 2021 година предложи ревизија, со цел да ги вклучи приоритетите од зелената агенда, стратегијата за одржлива и паметна мобилност и стратегијата за поврзување, донесена е одлуката за продолжувања на индикативните карти на ТЕН-Т на конкретни соседни земји, вклучително и на регионот на Западен Балкан (Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Република Северна Македонија, Србија и Црна Гора)“,
информираат од Владата.
Понатаму во образложението од Владата се наведува дека:
„Индикативните карти на Транс-европската транспортна мрежа, продолжени до Северна Македонија, имаал за цел да обезбедат кохерентност помеѓу Транс-европската транспортна мрежа на ЕУ и транспортната мрежа на Северна Македонија; да промовираат соодветно планирање и развој на одржливо и ефикасно транспортно поврзување помеѓу ЕУ и Северна Македонија; олеснување на идентификувањето заеднички инфраструктурни приоритети меѓу ЕУ и Северна Македонија; олеснување на развојот на постојната транспортна мрежа“

Потпишувањето на анексот, како што е наведено, е предвидено за следната недела во Црна Гора. На средбата на која ќе биде потпишан документот помеѓу С Македонија и ЕУ, покрај министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, се очекува да присуствуваат и сите министри за транспорт од регионот, како и претставници на Траснпортната заедница и на Европската комисија, со што ваков анкес ќе се потпише меѓу сите држави од регионот и Европската комисија.
Инаку, автопатските делници од коридорот 8, како и делницата од коридорот 10-д во земјава ќе ги гради „Бехтел и Еннка“, за што Владата и американско-турскиот конзорциум потпишаа договор на 8 март, годинава.
Договорот предизвика многу контроверзи во јавноста, бидејќи, меѓудругото, е таен и не е достапен за увид во јавноста. Ова беше повод опозициската ВМРО-ДПМНЕ да излезе со серија обвинувања дека договорот е коруптивен и спротивен на интересите на државата, а своите тврдења ги аргументираа и со објавување на делови од документот за кој велат дека го добиле од свиркач.
Во рамките на реализацијата на проектот, Владата усвои предлог-измени на пет Закони поврзани со изградбата на автопатиштата, кои се веќе во собраниска процедура, по скратена постапка, односно со европско знаменце.
Денеска пратениците во Законодавниот дом ја усвоија потребата од донесување на измените на петте закони, на што реагираше опозициската ВМРО-ДПМНЕ, која го обвини владејачкото мнозинство дека со ова го крши највисокиот правен акт во државата – Уставот и Деловникот на Собранието.
На употребата на европското знаменце реагираа и од Делегацијата на Европската Унија во земјава, од каде рекоа дека во конкрентиот случај тоа не е во согласност со европските стандарди. На ова прашање денеска се осврна и евроамбасадорот Дејвид Гир, кој одговарајќи на новинарски прашања по одбележување на почнувањето на проектот „Поддршка за реформите во шумарството во Северна Македонија“ го повтори ставот на Делегацијата на ЕУ во земјава.
Од Владата пак, односно вицепремиерот за европски прашања пред два дена изјави дека од политички аспект ставањето европско знаменце на петте закони поврзани со изградбата на коридорите 8 и 10-д има основа. Аргументирајќи, тој рече дека европското знаменце се користи заради успешна изградба на овие автопати и комплетирање на трансевропската мрежа на коридори во Северна Македонија.
Маричиќ рече дека се во редовна комуникација со Европската Унија и оти објасниле зошто го прават тоа.