Во синоќешното интервју за „360 степени“ министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски изјави дека МВР е подготвено да носи одлуки за забрана за влез во земјава на секој што не ги почитува македонскиот народ и граѓаните на оваа земја
На списокот на македонското МВР на лица на кои денеска не би им бил дозволен влез во земјава се 14 бугарски државјани, јавува Бугарската национална телевизија. Во објавата на БНТ нема имиња.
Претходно, во изјава за агенцијата БТА, бугарскиот министер за внатрешни работи Иван Демерџиев рече дека има листа со бугарски државјани на кои нема да им биде дозволен влез, но рече дека таа листа не е голема.
Во синоќешното интервју за „360 степени“ министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски изјави дека МВР е подготвено да носи одлуки за забрана за влез во земјава на секој што не ги почитува македонскиот народ и граѓаните на оваа земја.
Од бугарската агенција Беспартиен.бг на својот фејсбук-профил објавија дека добиле забрана за влез во Македонија. Тие во прилог на информацијата објавија и документ издаден од македонското Министерство за внатрешни работи.
Бугарскиот европратеник Ангел Џамбаски индиректно најави дека денеска не доаѓа во земјава. Преку Фејсбук ги повика сонародниците достоинствено да го одбележат роденденот на „бугарскиот народен херој Гоце Делчев“ и им предложи тоа да го направат во кој било град, односно да не одат во Скопје.
Подоцна во денот е најавено дека официјална бугарска делегација предводена од министерот Иван Демерџиев ќе положи цвеќе пред гробот на Гоце Делчев во црквата „Свети Спас“ во Скопје. Поради проблемите со системот за контрола на „Деве Баир“, Демерџиев најави дека поклонувањето пред гробот на Делчев може малку да биде одложено за да стигнат бугарските граѓани чие доаѓање е најавено во Скопје. Според Демерџиев, станува збор за 100-150 граѓани.
Демерџиев изјави дека не може да каже дали има Бугари што неоправдано биле запрени на граница и дека тоа ќе стане јасно до крајот на денот.
Радио Слободно Европа пренесува изјава на портпаролката на СВР Куманово, Ивана Младеновска, дека првиот човек на бугарската фондација „Македонија“, Виктор Стојанов, самоиницијативно ја напуштил колоната возила пред граничниот премин „Деве Баир“ бидејќи не можел да чека системот за контрола да се врати во функција. Стојанов на Фејсбук објави видео на кое се гледа и се слушаат навреди кон македонската полиција.