Дејствијата што ги презема косовската влада, вели Блинкен, се спротивни на советите од САД и европските партнери. Тие непотребно ги ескалираат тензиите, порача државниот секретар и го повика Курти да го смени курсот
Американскиот државен секретар Ентони Блинкен излезе со остра реакција и осуда за дејствијата на владата на Албин Курти на северот на Косово во општините со мнозинско српско население.
Таму, денеска градоначалниците кои беа избрани на изборите бојкотирани од Србите, влегоа во општинските згради за да ги преземат функциите, што доведе до судири на косовските безбедносни сили со српското население.
„САД силно ги осудуваат дејствијата на владата на Косово за насилен пристап до општинските згради на северот на Косово, дејствија што ги презедоа спротивно на советите од САД и европските партнери на Косово. Ваквите акции остро и непотребно ги ескалираа тензиите, поткопувајќи ги нашите напори да помогнеме во нормализирање на односите меѓу Косово и Србија и ќе имаат последици на нашите билатерални односи со Косово. Го повикуваме премиерот Албин Курти да го смени курсот и сите страни да се воздржат од какви било понатамошни дејства што ќе ги разгорат тензиите и ќе промовираат конфликти“,
вели Блинкен во реакцијата.
Тензиите денеска избувнаа во општините Звечан, Лепосавиќ, Косовска Митровица и Зубин Поток, каде што се огласија сирените за опасност, со што граѓаните беа повикани да се соберат пред општинските згради за да спречат градоначалниците да влезат во нив.
По ваквите настани, по наредба на српскиот претседател Александар Вучиќ, Армијата ја подигна борбената готовност на највисоко ниво и се упати кон границата со Косово.
За потсетување, локалните избори во четири општини на северот на Косово – Северна Митровица, Лепосавиќ, Зубин Поток и Звечан се одржаа на 23 април. Србите, кои се мнозинство, ги бојкотираа, па од над 45 000 граѓани со право на глас, излегоа само 1 567 гласачи или 3,47 отсто. Официјален Белград не ги признава резултатите од одржаните избори, за кои вели дека се антидемократски и нелегитимни.
*Поврзани вести: