
Блерим Река, кој беше независен кандидат поддржан од Алијанса за Албанците и БЕСА на претседателските избори во Северна Македонија лани, ќе биде министер за европски интеграции во новата влада на Косово, која ќе ја предводи лидерот на Движењето Самоопределување (ВВ), Албин Курти, јавуваат косовските медиуми.
Седницата на парламентот на која ќе се гласа новата влада е закажана за утре во 11 часот.
Владата на Курти ќе има 15 министри и 33 заменици-министри, што е големо намалување во однос на претходната влада која имаше 23 министри и околу 80 заменици-министри.
Во неуспешните преговори за формирање влада, пред околу еден месец, кои ги водеше лидерот на Движењето Самоопределување (ВВ), Река беше споменуван и како министер за надворешни работи, но со последниот договор, на таа позиција ќе биде Глаук Коњуфца, кој во декември 2019 беше избран за претседател на косовското Собрание.
Тогаш „360 степени“, направи анализа за тоа каква порака испраќа номинирањето на Блерим Река за министер на Косово, која можете да ја прочитате ТУКА.

Коњуфца е од редовите на Движењето Самоопределување и сега ќе мора да го отстапи спикерското место на пратеничката Вјоса Османи. Таа доаѓа од партијата Демократски сојуз на Косово (ЛДК) чиј лидер е Иса Мустафа. Тој вчера постигна конечен договор со Курти, како втор коалиционен партнер во новата влада.

Според пишувањата на косовските медиумите, Курти и Мустафа договориле секој да добие по шест министерства, а три да им припаднат на малцинствата.
За 12-те министерства кои ќе ги поделат меѓусебе, медиумите веќе ги објавија номинираните кандидати за министри.
Така, ВВ, покрај министри за надворешни работи (Глаук Коњуфца) и за европски интеграции (Блерим Река), во владата ќе има и: министерка за правда – Албулена Хаџиу; министер за финансии – Бесник Бислими; министерка за економија – Розета Хајдари и министер за здравство – Арбен Вита.
ЛДК, пак, ќе има министер за внатрешни работи – Агим Велиу; министер за инфраструктура – Лумир Абдиџику; министерка за образование – Хикмете Бајрами; министер за одбрана – Антон Куни; министерка за култура, млади и спорт – Влора Думоши; министер за земјоделство – Бесијан Мустафа.
Од имињата за трите „министерства за малцинствата“, засега се споменува само Емилија Реџепи, од бошњачката заедница. Таа е пратеничка во косовниот парламент од Новата демократска партија.
Останатите две имиња за министри сè уште не се објавени.