Бизнисменот Томе Главчев, кој е сопственик на фирмата „Ноел Гевгелија“, денеска беше последниот сведок на рочиштето за „Рекет“, меѓутоа тој во неговиот исказ не кажа дека му биле барани пари во врска со истрага „Поштенска банка“, каде што е осомничен.
Тој рече дека од фирмата покрај машки, решиле да произведуваат и женски кошули, па затоа сакале да се рекламираат и да се промовираат.
„Стапивме во контакт со повеќе медиуми, меѓу кои и со господинот Јовановски. Мене ми требаше простор за реклама за околу 40-50.000 евра годишно. Разговорите беа успешни, коректно се водеа сè до моето приведување. Потоа, цената малку скокна. Понудата беше 100.000 евра. Договорот го потпишавме на 20 октомври. Условите беа поволни, 50 отсто требаше да бидат исплатени по потпишување, а другите понатаму“, рече Главчев кој додаде дека со Боки воопшто не разговарал за случајот „Поштенска банка“.
„Сме разговарале и за други работи, тој е интересна фигура, се мешаше во креацијата на кошулите, има познавање за тоа, сакаше да дојде и во фабриката да види како функционира тоа. Јас имав изработено и неколку кошули за него, по негови нацрти. За такви теми сме разговарале. За ‘Поштенска банка’ тој не ми си спомна ништо, туку јас. Му реков: ‘Боки, имаш некоја информација за мојот случај?’ Тој рече: ‘Јас мислам дека ти си дел од една колатералка и треба да бидеш спокоен’. Толку беше разговорот“, рече Главчев.
Во другиот дел од исказот тој повеќе зборуваше за истрагата „Поштенска банка“ откако на почетокот рече дека е скаран со Катица Јанева.
Раскажа дека во предистрага бил повикан двапати во СЈО и се пожали на односот што го добивал таму од истражителите, но не споменуваше детали. Двете покани биле на датумите на родендените на неговите синови.
На втората покана бил известен дека од сведок станува осомничен.
„Ми беше речено дека ќе бидам повикан да дадам изјава и ме советуваа да си обезбедам адвокат доколку сакам, ако не, ќе можам и сам да дадам изјава бидејќи претходно како сведок сум давал изјава. Јас не сум дал друга изјава освен онаа како сведок, иако во медиумите имаше дека сум менувал изјави. Бев изненаден, дојдов со адвокат, адвокатот ме советуваше дека е најкорисно и најпозитивно за мене е да не давам изјава бидејќи ме советуваше дека станува збор за неовластен тужител и дека се работи за некоја тенденција, суета и дека е најпаметно ние од наша страна да поднесеме тужба. Одбив да поднесам тужба, гледајќи ја тогашната сила на тоа обвинителство, моќта што се презентираше таму, надменост на тие истражители. Посебно бев исплашен кога бев приведен стражарно на 13 октомври, во 5 часот наутро дојдоа со наредба за личен претрес, а се шетаа со шмајзери по куќата“, раскажа Главчев.
И неговото и сведочењето на останатите двајца обвинители, адвокатите на Јанева и Јовановски ги оценија како беспредметни за случајот, односно рекоа дека не нудат никаков доказ за обвинетите.
Адвокатот Сашко Дукоски прокоментира дека тие дури би требало да се и сведоци на одбраната бидејќи не кажале ништо во полза на обвинителството.
Во текот на денешното рочиште за „Рекет“ сведочеа адвокатот Сашко Бошков и бизнисменот Зоранчо Митревски, кој заедно со Главчев е осомничен во истрагата на СЈО, „Поштенска банка“.