По растот на заболени во Битола, која досега важеше за град со мал број на случаи на ковид-19, општинскиот кризен штаб алармираше дека граѓаните се „олабавени“ и дека не се почитуваат мерките за спречување на ширењето на вирусот
Со денешните пет нови случаи на ковид-19 регистрирани во Битола, вкупниот број на заболени во градот достигна 127 лица. Од нив 66 во моментов се активни случаи.
Најмладиот пациент заболен од вирусот е едногодишно бебе.
Според Центарот за јавно здравје во Битола од новите случаи во последното деноноќие, 2 лица се поврзуваат со веќе постоечки фамилијарни кластери, а 4 лица не даваат податок за контакт потврден случај на ковид-19.
Со новите бројки, Битола предничи пред останатите градови во Пелагонискиот регион по бројот на активни случаи од ковид-19, иако вкупниот број на дијагностицирани случаи досега е помал од некои градови како Прилеп и Ресен.
Прилеп по бројот на активни случаи е втор меѓу градовите во Пелагонискиот регион. Таму во моментов потврдено е дека кај 54 лица болеста е во тек, а досега заболиле вкупно 327 лица.
Нов случај на ковид-19 во последното деноноќие е регистриран во Ресен со што бројот на активни случаи е 36, од вкупно 144 заболени од ковид-19 од почетокот на пандемијата досега.
Нов случај има и во Демир Хисар, со што градот достигна до 23 активни случаи од вкупно 26 дијагностицирани со ковид.
Најмал е бројот во Крушево каде има 9 активни случаи од вкупно 15 лица кај кои досега е откриен случајот.
Новите случаи според дел од надлежните се должат на непочитување на мерките на ковид-19. По растот на заболени во Битола, која досега важеше за град со мал број на случаи на ковид-19, општинскиот кризен штаб алармираше дека граѓаните се „олабавени“ и дека не се почитуваат препораките за спречување на ширење на вирусот. Градоначалничката Наташа Петровска побара и поажурно дејствување на надлежните институции на терен.
Директорката на Центарот за јавно здравје пак, Елизабета Крстева рече дека епидемиолошката слика во градот не е критична и е резултат од зголемениот број тестирања.