Битиќи е уверен дека парламентарното мнозинство ги има потребните 80 гласови за уставни промени
Tерминот „20 проценти“ во Уставот нема да биде заменет со зборовите „албански јазик“, изјави вечерва во емисијата „200“ на ТВ Алсат, вицепремиерот и заменик-претседател на СДСМ, Фатмир Битиќи.
Тој рече дека освен промената на Преамбулата со вклучување на Бугарите во Уставот, експертската работна група нема мандат да разговара и за други промени во највисокиот правен акт на државата. Битиќи е уверен дека парламентарното мнозинство ги има потребните 80 гласови за уставни промени.
„Работната група која има мандат за уставни измени соопшти дека нема мандат ниту за измени, ниту за дискусии за други уставни измени, освен за оние кои се однесуваат на европскиот пат. Мислам дека нема пратеник Албанец кој ќе гласа против евроинтеграциите. Секоја друга дискусија ја гледам како дел од дневнополитичката агенда од различни причини. Убедени сме дека и во македонскиот опозициски блок разумот ќе надвладее и ќе направат мнозинство за уставни измени“,
рекол Битиќи, објави ТВ Алсат.
Пратениците Изет Меџити, Мерита Коџаџику и Кастриот Реџепи, кои се дел фракцијата во ДУИ, денеска, до Комисијата за уставни измени во Министерството за правда, поднесоа иницијатива за отстранување на формулацијата „јазик кој го говорат помалку од 20 отсто од граѓаните“ и нејзина замена со терминот „албански јазик“.
Во соопштението што тие го испратија до медиумите, информирајќи за поднесените амандмани, се додава дека до Комисијата поднеле и иницијатива во која, како што велат, го потврдуваат нивниот став за спроведување на уставните измени во однос на внесувањето на бугарскиот народ во Преамбулата на Уставот и на продолжување на европскиот пат на земјава.
Претседателката на работната група која работи на подготовка на уставните измени, Маргарита Цаца-Николовска, минатата недела ја отфрли можноста групата да ја разгледува формулацијата „20 отсто“ во Уставот.