На брифинг со новинарите денеска, претседателот на Собранието, Гаши, рече дека електронското гласање било и во програмата на неговата политичка партија Алтернатива

Претседателот на Собранието, Африм Гаши, ја поддржува идејата за електронско гласање доколку се овозможи идентификација на гласачите и тајност на гласањето. Тој ги повика координаторите на пратеничките групи да се обидат да ги надминат различните ставови и да постигнат компромис за Изборниот законик.
На брифинг со новинарите претседателот на Собранието денеска рече дека електронското гласање било и во програмата на неговата политичка партија Алтернатива.
„Јас сум за електронско гласање, дури и сум и кај нас да се овозможи електронско гласање, но не знам кога би било тоа така. Тоа е мое лично мислење“,
рече Гаши.
Одговарајќи на новинарско прашање тој посочи дека смета оти треба и кај нас да се овозможи вакво гласање, за да не се наруши еднаквоста при гласањето,
„Во неколку земји таа практика е функционална и има позитивни примери за тоа. Ако веќе плаќаме сметки преку банка, средства уплаќаме и сè е електронско… Прашав и неколку ИТ-експерти дали може да се обезбеди приватност и безбедност во гласањето, ми тврдат дека тоа може да се направи, но за тоа треба политичка волја“,
рече претседателот на Собранието.

По денешната редовна понеделничка координација со првите луѓе на пратеничките групи, тој информира дека на 13 јули е седницата за реконструкција на Владата, која треба да трае два дена, а новите членови на Владата ќе се гласаат поединечно.
На 15 јули е закажана нова седница на која се и опозициските прашања.
Општата расправа за ребалансот на Буџетот ќе трае до 8 јули, кога почнува разгледувањето на амандманите. Поднесени се 224 амандмани, и тоа најмногу од ДУИ – 90, СДСМ има поднесено 78, Левица 51 и пет се од Влен. Ребалансот на Буџетот треба да се најде на седница на 23 јули.
На 30 јули е седницата за пратенички прашања, последна пред летниот одмор на пратениците.
Инаку, во Собранието утре официјално ќе биде промовиран Етичкиот кодекс на пратениците, работен заедно со ОБСЕ.
Во текот на овој и на следниот месец ќе се работи на уредување на паркингот на Собранието.
