Рестрикции за струја засега не се предвидени, бидејќи обезебедуваме доволно електрична енергија и ќе има не само до Нова година, туку за цела грејна сезона – до идната пролет, дециден е вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи. Бо интервју за Канал 5, тој потенцира дека јавните институции треба да бидат пример за одговорно однесување и затоа добија задолженија од Владата за заштеда на електрична енергија.
„Препораките за штедење се за да не се направи евентуално хаварија во сиситемот од преголема потрошувачка на енергија. Не е дали ние имаме можност за доволно производство дома, туку и да сакаме да ја увеземе нема да ја имаме во идниот период“
вели Битиќи.
Битиќи ги повтори можните санкции за одговорните лица во институциите кои нема да ги спроведуваат мерките, а како што рече тој се залага и за поригорозни мерки – освен парични казни, раководителот да остане и без работа ако не ги почитува.
Тој потенцира и дека мерките кои треба да стапат на сила од 1 септември не може да се сметаат за рестрикции.
„Нашето однесување во криза и како што било некогаш, не може да биде исто. Мора да сфатиме дека ако одреден ресурс го немаш во количина како што си го имал, мораш да се прилагодиш на начинот на искористување. Подесувањето на грејните тела на одредена температура не е рестрикција“
изјави Битиќи.
Вчера Владата донесе сет мерки за заштеда на електрична енергија кои за јавните институции се задолжителни, додека за локална власт, домаќинствата и бизнис-секторот се само препораки.
Исклучување на декоративното осветлување на фасадите на јавните објекти и културните споменици, гаснење сијалици кога има доволно дневна светлина, во сезона на ладење клима-уредите да се местат не пониско од 27 степени, а во сезона на греење не повисоко од 20 степени, редовно да се менуваат филтрите, а прозорците во канцелариите да се заменат со енергетски ефикасни, се дел од мерките.