За тоа дали би прифатил да биде консензуален кандидат за претседател на државата, Битиќи вели дека доколку се зборува за консензуален кандидат независно од етничкото потекло и тој е најдобриот за тоа, со задоволство би прифатил, но, ако консензуалниот кандидат, како што потенцираше, е само за да биде Албанец, рече дека нема да прифати
Потпретседателот на СДСМ и вицепремиер за економски прашања Фатмир Битиќи би прифатил да биде премиер 100 дена пред избори доколку тоа биде побарано од него. Што се однесува, пак, до можноста да биде претседателски кандидат, вели дека тоа би го прифатил само доколку се зборува за консензуален кандидат независно од етничкото потекло.
„Знам дека има договор помеѓу СДСМ и ДУИ за последните 100 дена да биде Албанец премиер. Јас не се преоптоварувам со тоа решение. Јас сум навикнат и научен во мојот живот да работам до последниот момент. Ако приликите дојдат да се бара од мене да служам на народот во функцијата на премиер велам – да“,
рече Битиќи во вечерашното гостување во „Само интервју“ на Канал 5 телевизија.
Што се однесува до претседателскиот кандидат, Битиќи вели дека во партијата се уште го немаат почнато процесот.
„Во СДСМ сме покажале дека имаме голем демократски капацитет и начинот како се дефинира претседателскиот кандидат е на демократски начин. Треба да се дадат одредени кандидатури, па тоа да помине во органите на партијата. Искрено се уште процесот го немаме почнато, ќе има одредени критериуми. Сметам дека гласачите преку различните анкети треба да кажат дали сме спремни за консензуален кандидат“,
рече Битиќи.
На прашањето дали би прифатил да биде консензуален кандидат за претседател на државата, Битиќи одговори дека доколку се зборува за консензуален кандидат независно од етничкото потекло и тој е најдобриот за тоа, со задоволство би прифатил, но, ако консензуалниот кандидат, како што потенцираше, е само за да биде Албанец, рече дека нема да прифати.