Како што информираше Бектеши, ЕСМ ќе го менаџира целокупното финансиско работење преку посебна сметка и за тоа ќе доставува извештаи до Владата во континуитет
Државата преку Електрани на Северна Македонија (ЕСМ) на некој начин ќе внесе еден вид принудна управа во работење на БЕГ, така што до завршувањето на грејната сезона бизнисот со топлинска енергија на Градот Скопје ќе биде под целосно управување на најголемата државна компанија од областа на енергетика – ЕСМ, изјави претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимовски, на вечерашната прес-конференција во Владата за надминување на проблемот со парното греење во главниот град.
Бислимовски вели дека со постигнатото решение апсолутно ќе се подобри и квалитетот на испорака на топлинската енергија, имајќи во предвид, како што нагласи, дека и ТЕ-ТО како когенеративна постројка ќе работи во режими на работа кои ќе ја олеснат работата на топланите во Град Скопје.
„На овој начин, граѓаните ќе имаат непречена испорака на топлинска енергија до крај на сезоната, со квалитет кој е гарантиран со правилата за снабдување со топлинска енергија“,
истакна Бислимовски на прес-конференцијата.
Директорот на ТЕ-ТО, Димитар Кочовски, нагласи дека е точно оти ресурсите на БЕГ се потрошени, но оти, во договор со Владата, земале обврска компанијата на одложено плаќање да му дава гас на БЕГ до крајот на идната недела, се додека, како што рече, не се овозможат услови за потпишување на договорот со кој ќе се обезбеди идна ликвидност, за компанијата да може да ги извршува обврските. ТЕ-ТО, појасни тој, сега гасот го дава на одложено плаќање, без наплата, а до обезбедување на ликвидноста, односно до потпишување на деловно техничка соработка.
Вчера, Владата донесе одлука во која побара од ТЕ-ТО да снабдува електрична енергија и пареа како енергенс за БЕГ, во временски период од 5 часот наутро до 1 часот по полноќ, до 31 јануари 2022 година.
Министерот за економија, Крешник Бектеши, изјави вечерва дека еден договор за решавање на прашањето е потпишан денеска, а еден ќе биде потпишан по формирањето на новата Влада и тој ќе се однесува на можноста ЕСМ да управува со БЕГ.
Како што информираше Бектеши на прес-конференцијата, АД ЕСМ ќе го менаџира целокупното финансиско работење преку посебна сметка и за тоа ќе доставува извештаи до Владата во континуитет. Тој рече дека како Влада се подготвени стопроцентно да ги покријат трошоците во делот на зголемување од моменталната до реалната цена на топлинска енергија .