За цената за електрична енергија што ќе ја плаќаат домаќинствата од 1 јули годинава, Бислимоски вели дека таа зависи од цената по која универзалниот снабдувач ќе ги задоволи потребите за електрична енергија на регулираниот пазар, но и од бројот на малите потрошувачи кои од регулиран се префрлиле на слободен пазар

Во Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) се прават анализи дали и за колку може да се продолжи периодот на евтина дневна тарифа на струјата.
Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), Марко Бислимоски, вели дека во изминатиот период компаниите во текот на денот имале ниски цени на електрична енергија и тоа што го имаат тие мора да го имаат и домаќинствата.
„Со воведувањето на евтината дневна тарифа од 13 до 15 часот веќе го направивме првиот чекор, но трендовите на берзата покажуваат дека во овој период има исклучително ниски цени на струјата и правиме сериозна анализа за наредните две-три години за цени на електричната енергија за секој час на повеќе берзи и кога ќе бидеме готови ќе кажеме кога и во колкав обем ќе имаме зголемување на евтината тарифа во текот на денот“,
рече Бислимоски.
За цената за електрична енергија што ќе ја плаќаат домаќинствата од 1 јули годинава, Бислимоски вели дека таа зависи од цената по која универзалниот снабдувач ќе ги задоволи потребите за електрична енергија на регулираниот пазар, но и од бројот на малите потрошувачи кои од регулиран се префрлиле на слободен пазар. Според Бислимоски, позитивно е намалувањето на маржата за пренос на електрична енергија.
Бислимоски додава дека РКЕ нема да добие барање за цената на електричната енергија бидејќи, како што вели, само ќе ја потврдат цената што ќе ја утврди универзалниот снабдувач „ЕВН хоум“.
„Универзалниот снабдувач во текот на неделава ќе го распише тендерот за да обезбеди електрична енергија за следните шест месеци. Треба да видиме кои цени ќе се понудат, а сигурно е дека маржата нема повеќе да биде 11,5 проценти, туку ќе биде 9,9 проценти. Треба да видиме и во колкав обем ЕСМ ќе ги обезбеди количините кои се потребни за домаќинствата и малите потрошувачи. Тоа се најбитните елементи за цената која ќе ја плаќаат домаќинствата по 1 јули годинава“,
рече денеска Бислимоски на паузата на четвртиот Социо-еколошки форум (СЕФ) во организација на Фондацијата „Фридрих Еберт“.
Според него, во моментов е некоректно во сметките што ги плаќаат граѓаните да го има процентот за субвенција.
„Би било некоректно на граѓаните да им се кажува дека има субвенција кога цената на ЕСМ е 57 евра за мегават-час, а има денови кога цените на пазарот се 20 и 30 евра за мегават-час. Едноставно случувањата на пазарот се такви што во најголем дел во изминативе два до три месеци цената е од 60 до 70 евра за мегават-час. Затоа во овој период нема потреба да се објавуваат субвенциите, бидејќи тука негде е пазарната цена“,
рече Бислимоски.
Бислимоски вели дека има сериозен тренд на префрлање на малите потрошувачи од регулиран на слободен пазар на електрична енергија и додаде дека на годишно ниво ќе има помеѓу 150 и 200 милиони киловат-часа помала потрошувачка на регулираниот пазар.
„Трошоците на малите потрошувачи кои се префрлаат на слободниот пазар се намалени за 20 до 30 проценти и во најголем дел снабдувачите им нудат фиксна цена која е пониска од таа што е на регулираниот пазар. Тоа е добар процес кој така треба и да продолжи“,
додава претседателот на РКЕ.
Според Бислимоски, придобивките од изградбата на фотоволтаичните централи веќе допреле до компаниите и тие во текот на денот имаат исклучително поволни цени на струја. Тоа, како што вели тој, сега треба да се префрли и кај домаќинствата.
„Испраќаме сигнал до ’ЕВН хоум’ и до ЕСМ поголемиот дел од набавките да ги прават во текот на денот кога цените се исклучително ниски. Тоа пред се ќе биде добро за ЕСМ, бидејќи во тие периоди ќе нема потреба да се трошат ресурсите од вода која ќе може да се чува за период кога електричната енергија може да се продава по повисока цена или за зимата“,
додаде Бислимоски.