Мерката што во неделата ја донесе Европската Унија се однесува на дизелот, екстра лесното масло, мазутот и керозинот, но таа не може да се одрази врз земјава затоа што и во изминатите години ние не сме увезувале руско дизел-гориво, објави претседателот на РКЕ, Бислимоски, на својот фејсбук-профил
Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ), Марко Бислимоски, не очекува да има недостиг на нафта и нафтени деривати во земјава по одлуката на Европската Унија за забрана за увоз на руско дизел-гориво ниту, пак, тоа да има сериозни импликации на цената на дизелот во наредниот период.
„Мерката што во неделата ја донесе Европската унија се однесува на дизелот, екстра лесното масло, мазутот и керозинот, но таа не може да се одрази врз земјава поради тоа што и во изминатите години ние не сме увезувале руско дизел-гориво“,
објави претседателот на РКЕ, Бислимоски, на својот фејсбук-профил.
Бислимоски посочува дека најголемиот дел од готовите нафтени деривати, меѓу кои и дизелот, односно околу 90 отсто, ги набавуваме од Грција каде што руската нафта има многу мало влијание.
„Најголемиот дел од готовите нафтени деривати, односно дизелот, околу 90 отсто ние го набавуваме од Грција, каде што руската нафта имаше многу мало влијание. На ниво на ЕУ потребите за обезбедување руско дизел-гориво беа околу 15 отсто или околу 720-730 долари за тон. Сега Унијата ќе прави централизирана набавка со цел да ги намали трошоците за транспорт и веќе има склучено договори за набавка на дизел во најголема мера со Кувајт“,
појаснува Бислимоски.
Во наредните десетина дена тој вели дека ќе се следи што ќе се случува на берзите и дали ќе има зголемени трошоци за транспорт кај компаниите, но не очекува сериозни импликации на цената на дизелот во наредниот период.
„По вчерашниот ден, кога почна да се применува мерката, на Медитеранската берза имаше намалување на цената на дизелот“,
прецизира Бислимоски во објавата на Фејсбук.
Денеска и министерот за економија Крешник Бектеши рече дека не може да се случи да има недостиг на нафта и нафтени деривати по најновата одлука на Европската комисија да се забрани увоз на руско дизел-гориво.
Министерот нагласи дека очекуваат Министерството за надворешни работи да даде препорака до Владата за воведување санкции согласно одлуката на Европската комисија. Тој додаде дека политика на Владата е да ги следи санкциите што ги воведува Европската Унија.
Европа воведе забрана за увоз на руско дизел-гориво и други нафтени деривати. Со оваа мерка се очекува да се намали енергетската зависност од Москва и настојувајќи дополнително да ја намали заработката на фосилните горива на Кремљ како казна за инвазијата на Украина.
Забраната доаѓа заедно со ограничувањето на цената на енергенсите договорено од демократските држави на Г7.