Регулаторната комисија за енергетика нема други опции освен на најкратки можни рокови да ги заврши сите постапки и понатаму да се добие лиценца, а во меѓувреме, барем според информациите кои што ги има и ЕСМ и Владата работат на обезбедување на гориво и грејната сезона ќе започне на 15 октомври

Претседателот на Регулаторната комисја за енергетика, Марко Бислимоски сигурен е дека на 15 октомври ќе започне грејната сезона и скопјани ќе добијат топлинска енергија.
„Денеска конечно се склучи тој договор меѓу ЕСМ и ‘Адора инженеринг’ и понатаму ЕСМ со соодветната документација, со договорот треба да дојде до РКЕ со која што ние ќе издадеме лиценца за вршење на енергетска дејност, регулирано производство на топлинска енергија“,
рече Бислимоски во попладневното гостување на ТВ 24.
Тој додава дека Регулаторната комисија за енергетика нема други опции освен на најкратки можни рокови да ги заврши сите постапки и понатаму да се добие лиценца, а во меѓувреме, барем според информациите кои што ги има и ЕСМ и Владата работат на обезбедување на гориво и значи грејната сезона ќе започне на 15 октомври.
Во однос на преговорите за „ТЕ-ТО“, претседателот на РКЕ потенцираше дека Комисијата не се вклучила во преговорите ниту со Бугарија, ниту Србија, ниту со Турција. Дополнително, како што рече, РКЕ не може да набави јаглен, мазут, природен гас, тоа го прават други институции и компании, но она што го прави РКЕ е што ги поедноставува одредени процедури за да се завршат сите овие активности.
„Ние што го сметавме како Регулаторна комисија за енергетика го направивме. Во нашата одлука за цена за топлинска енергија предвидовме „Те-то“ да работи цела грејна сезона со цел да се добие повеќе од два пати поевтина цена за топлинска енергија, а исто така „ТЕ-ТО“ ни е битно на нашиот електроенергетски систем со цел да стабилизираме понските прилики во градот Скопје. Верувам дека секој здраворазумен ќе направи се за да се обезбеди производство на електрична енергија од „ТЕ-ТО“,
истакна Бислимоски.
Тој потенцира дека вовеле и блок тарифи со цел да забележат какво ќе биде нивното влијание врз потрошувачката. Блоковите, како што наведе, се воведени да влијаеме на потрошувачката кај домаќинствата, а сега работиме и на воведување на блокови и за малите потрошувачи кои што се на регулиранитот пазар.
„Ако викаме сите да се вратат на регулираниот пазар, ЕСМ ќе мора да прави дополнителен увоз, значи треба да се направи јасна слика на кого и како да му се помогне. Апсолутно на сите комапнии кои имаат производен процес треба да им се помогне. На основни училишта, на средни училишта, на високообразовни институции треба да им се помогне. Треба да им се помогне делумно и на јавните комунални претпријатија“,
рече Бислимоски.
Претседателот на РКЕ оцени дека можеби нема да се покачи цената на струјата, посочувајќи дека треба да се види како ЕСМ ќе ја заврши годината, со колкаво производство, треба да се види кои дополнително обврски ќе му се даваат на ЕСМ, па потоа да направат анализа.
„РКЕ кога било критично и проблематично не се плашела од носење на одговорност и зголемување на цена на електрична енергија, а сега да застанеме да видиме каде сме, што сме и како ќе тераме понатаму“,
нагласи Бислимоски.
Тој зборувајќи за моменталната состојба, рече дека во земјава мора максимално да се искористат домашните ресурси, таму од од каде што може да се обезбедат евтини ресурси, да се обезбедат и да добиваме поевтина електрична енергија пред се за стопанството.
„Она што е факт е дека од 1 јануари до денес Регулаторната комисија за енергетика има издадено лиценци за производство на електрична енергија од фотоволтаици во висина од 70 мегавати. Тоа е некаде колку што има „Шпилје“. Значи само за девет месеци, нашите компании, домашните приватни компании инсталирале фотоволтаици со капацитет од 70 мегавати“,
потенцираше Бислимоски.