Како што објави БИРН повикувајќи се на пресудата од Кривичниот суд Скопје, поранешниот градоначалник на Центар и сопругата кои во овој случај беа обвинети за лажен исказ и попречување на правдата во овој предмет, со спогодбата добија алтернативни мерки – условни казни затвор од две години, односно од шест месеци
Поранешниот градоначалник на Центар, Владимир Тодоровиќ и неговата сопруга се спогодија со Обвинителството и добија алтернативни мерки – условни казни затвор од две години, односно од шест месеци. Покрај ова тие треба да платат и по 3 000 денари судски трошоци. Ова го пишува во пресудата што БИРН ја доби од Кривичниот суд во Скопје.
Двајцата беа обвинети за давање лажен исказ и попречување на правдата за предметот „Талир“, незаконско финансирање на партијата и со него се опфатени Никола Груевски, Кирил Божиновски и Миле Јанакиески, кои се товарат за злоупотреба на службената положба и овластувања и перење пари, како и Илија Димовски, Леко Ристоски и ВМРО-ДПМНЕ како правен субјект, кои се товарат само за перење пари.
Претходно за истиот случај и Елизабета Чингаровска се спогоди со СЈО, призна вина и доби условна казна затвор од две години која нема да се изврши ако во наредните пет години не направи друго кривично дело.
Обвинетите се спогодиле со скопската обвинителка Елма Сулејман, а судот подоцна таа спогодба ја потврдил во пресуда.
Трите судијки Џенета Бектовиќ, Славица Андреевска и Верка Петковска оцениле дека условната казна за Тодоровиќ и за сопругата се доволни.
Во анонимизираната правосилна пресуда на седум страници, како што објаву БИРН, пишува дека сопругата на Владимир Тодоровиќ, во скопски ресторан, во 2020 договорила средба со сопруга на друг сведок.
„Предала два листа испишан компјутерски текст на латиница, кои содржеле насоки за тоа каков исказ треба да даде лицето А. Н. на главната расправа пред Кривичниот суд во Скопје“,
цитира БИРН, објаснувајќи дека тоа значело дека сведокот што го договарала брачната двојка, пред судот требало да сведочи различно од она што било сведочено во истрагата пред јавниот обвинител.
Ова е вторпат поранешниот градоначалник на Општина Центар, Владимир Тодоровиќ, да избегне директно судење.
Претходно во 2018 година, по истражната постапка што ја спроведе Финансиската полиција, во буџетот врати 436 илјади евра поради тоа што ја оштетил општината за изградба на барокниот мост „Око“, кој е дел од проектот „Скопје 2014“.
Сега, пак, со спогодба доби условна казна, потсетува БИРН.
Поврзани вести: