Истражувањето на БИРН за оние што се на првата борбена линија со криминалот открива дека нема обвинител што би ги гонел обвинителите – за 11 години се разрешени 12 обвинители и, имајќи предвид дека нивниот број е меѓу 170 и 180, тоа значи дека тоа е многу ретко
Нема област од јавнообвинителската работа што не била под сомневање за политичко влијание: од изборот на обвинителите, преку нивното водење на предметите, па сѐ до (не)одговорноста за нивното постапување. Исто така, нема област во која овие влијанија и врски се до крај истражени, а уште помалку докажани, покажа истражувањето на БИРН за одговорноста на оние што се на првата борбена линија со криминалот.
Врската меѓу обвинителството и политиката најдобро може да се отслика со стокхолмскиот синдром, во кој тие се заробени, но развиле емоционална и идентификациска врска со агресорот, па му помагаат во остварувањето на неговите цели.
Четири години по формирањето на СЈО, кое умре со случајот „Рекет“, а шефицата Катица Јанева заврши на обвинителна клупа, одново ги отвори прашањата дали и колку обвинителите се отпорни на влијанија, има ли спрега меѓу нив и политичките и бизнис-елити и дали тоа се причините што ги блокирале или одложиле истрагите?
Докажувањето на спрегата меѓу политиката и обвинителите, во отсуство на кредибилитет на институциите кои би требало да го спроведат тоа, ја остава јавноста преку својата перцепција да донесува судови, а тие се недвосмислени – гонењето на криминалот секогаш е под цврстата палка на политиката.
Луѓето од фелата за БИРН јавно потврдуваат дека партизацијата на дел од обвинителите е несомнена.
„Имаме партиски обвинители, кои воопшто не заслужуваат да ја вршат таа функција“,
вели за БИРН поранешниот јавен обвинител, Иван Јакимовски, кој смета дека негови колеги дискретно шурувале со политиката.
„Разно“ за пријавите што СЈО ги презеде од обвинителствата
БИРН, истражувајќи ја одговорноста на обвинителите во минатото, првиот индикатор за (не)процесирањето се поднесените кривични пријави.
Редовното обвинителство беше преплавено со кривични пријави за случаите, како проектот „Скопје 2014“, „Актор“, „Македонска банка“, „Црниот понеделник“, „Аферата со прислушувањето“, „Набавката на опремата за прислушување“…
Најагилна во поднесување на пријавите во ерата на Груевски, судејќи според бројките, била тогашната опозиција. Но, јавноста не дозна дали овие предмети, независно што имале партиски подносител, завршиле со јавнообвинителски одлуки кои потврдуваат криминал.
Според податоците до кои дојде БИРН, пријавите што СЈО ги презело од обвинителствата биле заведени под уписникот „РО“, што во обвинителскиот занает значи „разно“. Под овој уписник се заведуваат сите документи што пристигнуваат во форма на пријави и известувања.
Ако обвинителството процени дека има доволно индиции и докази, пријавите се презаведуваат под уписникот „КО“, односно преминуваат во истрага. Одлуката за тоа како ќе се заведе предметот ја донесува обвинителот, т.е. шефот на обвинителството.
Но, од 72 предмети што СЈО ги презело, сите биле заведени под „РО“, што значи дека ниту една пријава не преминала во истрага со потврдено основано сомнение за криминал и корупција. Од 72 преземени „РО“ пријави, СЈО отвори истраги за 53.
Од сите овие истраги подоцна се изродија 22 обвиненија за кои има активни судења.
Некои од овие кривични пријави биле речиси „мртви“, т.е. отфрлени. Индикативно за (не)постапувањето за пријавите е една кривична пријава, која била затворена со резолуција и датира дури од 2005 година. Но, обвинителите од СЈО, не само што ја презеле, туку ја работеле.
„Осумдесет до 90 проценти од пријавите што ги презедовме биле работени козметички, само со по некое испратено барање до МВР за да има трага дека се преземаат дејствија“,
вели обвинител од СЈО што сакаше да остане анонимен.
Меѓу преземените пријави од обвинителствата имало и такви, кои намерно или не, се воделе во сосема погрешна насока.
Таков е случајот „Империја“. Тој предмет е основан врз седум пријави што СЈО ги презело од редовните обвинителства, (пет од Скопското обвинителство и по еден од Организиран криминал и од Битолското обвинителство).
Од нив нецели девет месеца се ѕидала предистрагата за случајот.
СЈО оживеа дел од пријавите, за по престанокот на мандатот на ова обвинителство, повторно да се вратат назад, таму од каде што беа преземени.
За 11 години, 12 разрешени обвинители
Од 2008 година, кога е основан Советот на јавните обвинители, до 2019 година биле разрешени девет обвинители поради нестручно работење, двајца поради дисциплинска повреда и еден поради пресуда за сторени кривични дела.
Ако се суди според вкупниот број обвинители, во државата, кој се движи меѓу 170 и 180, излегува дека разрешувањата навистина се ретки.
Најмногу обвинители биле разрешени во 2009 година, осум од вкупно дванаесет. Но, разрешувањето на некои од нив уште тогаш ги отвори дилемите за политичка пресметка со „неподобните“ и се смета за една од парадигматичните епизоди на интервенции во судството на тогашната владејачка гарнитура.
Но, освен оваа епизода во 2009, кога правосудството беше предводено од министерот Михајло Маневски, а јавен обвинител беше Љупчо Шврговски, во која има најголем број разрешувања, бројките укажуваат дека обвинителите многу ретко се предмет на санкционирање, особено ако тоа не е партиски мотивирано.
Останатите разрешувања ги вклучуваат Катица Јанева и нејзиниот колега од Велес, Ивица Ефремов, осуден во случајот „Ликвидација“.
Отворени предмети по допрен глас на ниво на статистичка грешка
Истражувањето на БИРН покажува дека бројот на отпочнати постапки по допрен глас за изминатите пет години (2014 до 2018), се движи меѓу 1,80 и 3,80%.
Во 2014 година, само 2 проценти од отворените случаи биле по допрен глас. Следните 2015 и 2016 година тој процент пораснал за незначителни 0,40 отсто. Овој благ, нагорен тренд запрел во 2018 година, кога процентот, наместо да расте, почнал да опаѓа. Обвинителството по допрен глас во 2018 година отворило само за 1,8 отсто од постапките.
Целото истражување на БИРН може да го прочитате ТУКА.