Втората награда за најдобра сторија на тема „Факти и дезинформации за климатските промени” што ја доделува Советот за етика во медиумите беше доделена на новинарите Александар Методиев и Сузана Мицева за документарниот филм „Нелегалниот пат на отпадот”, а третата награда ја доби новинарката Валентина Вурмо за текстот „Дали освен сопственото нè труе и странско ѓубре?“
Новинарот на „360 степени“, Михаил Милошевски, ја доби првата награда за најдобра сторија на тема „Факти и дезинформации за климатските промени”, што ја доделува Советот за етика во медиумите (СЕММ).

Наградената сторија „Како Македонија ќе го напушти јагленот без да ја загуби енергетската стабилност“ објавена на веб-страницата на „360 степени“ го отвора прашањето за предизвиците со кои се соочува државата до 2030 година да го напушти јагленот како главен реагенс за производство на електрична енергија и да премине на зелени, обновливи извори со долгорочна одржливост.
„Анализирани се предизвиците на земјата, неизвесноста на процесот, со оглед дека рокот истекува за четири години, но го анализира и прашањето за иднината на вработените во овој сектор. Сторијата отвора дебата за можни решенија, кои истовремено ќе го намалат и загадувањето на животната средина. Користи многу извори, а темата ја става во контекст на европските прилики и регулативи. Алармира, предупредува, освестува“,
рече Маја Блажевска-Евросимоска, членка на жири-комисијата.

Втората награда беше доделена на новинарите Александар Методиев и Сузана Мицева за документарниот филм „Нелегалниот пат на отпадот”, а третата награда ја доби новинарката Валентина Вурмо за текстот „Дали освен сопственото нè труе и странско ѓубре?“. Пофалници за исклучителни новинарски прилози беа доделени на новинарите Иван Кузмановски, Александар Манасиев и Фисник Џелили.
Годишните награди на СЕММ се дел од активностите во проектот „Градење доверба во медиуимите на Југоисточна Европа, поддршка за новинарството како општо добро“, поддржан од УНЕСКО, а финансиран од ЕУ.
