Балканската истражувачка репортерскка мрежа (БИРН) е годинешниот добитник на наградата за медиумска слобода, Сигнал за Европа, што ја доделува организацијата „Репортери без граници“ од Австрија.
Во образложението се наведува дека БИРН е наградена за храбрата истражувачка новинарска работа во Источна и во Југоисточна Европа и за нејзината посветеност кон борбата за човекови права, демократија и правда за жртвите на воени злосторства.
Сигнал за Европа се доделува секоја година од австрискиот огранок на „Репортери без граници“.
Со наградата ѝ се оддава посебно признание на основачката на БИРН, Гордана Игриќ, која беше регионален организациски директор до мај 2018.
„Почестени сме од ова признание од нашите австриски колеги. Тоа доаѓа во критично време за нашиот регион, каде што медиумите се често оптоварени со политички и бизнис влијанија и со недостиг на ресурси за да известуваат надвор од границите на своите земји“,
вели директорката на БИРН мрежата, Марија Ристиќ.
БИРН е основана во 2004 година како мрежа на организации низ Балканот што ги промовираат слободата на говорот, човековите права и демократските вредности. Досега има свои организации во Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Северна Македонија, Романија и во Србија. Работи со свои уредништва и во Бугарија, Хрватска, Чешка, Грција, Унгарија, Молдавија, Црна Гора, Полска, Словачка и Украина.