пишува: Флоријан Бибер, експерт на BiEPAG (The Balkans in Europe Policy Advisory Group)
Објавувањето на извештаите за проширувањето на ЕУ за засегнатите земји од врвен настан се претвори во нешто што не е настан напишано на илјадници страници. Намалувањето на интересот за проширувањето не е единствената причина за ова – тоа, исто така, го одразува самиот процес на пишување на извештаите.
Со години, годишните извештаи за она што порано се нарекуваше „напредок“ кон членството во ЕУ беа многу очекувани документи, очекувани и пренесувани од медиумите, трубени од лидерите за да ги прослават своите успеси или користени од опозицијата за да ги критикуваат владите за нивните недостатоци. Повеќе не е така. Интеграцијата во ЕУ е ниско на агендата во повеќето земји од регионот: со исклучок на Северна Македонија и Црна Гора, извештаите оваа година добија млако внимание.
Извештаите објавени на 6 октомври требаше да бидат важни. Тие не се само во првата рунда извештаи на новата Европска комисија, туку беа изготвени под надзор на унгарскиот комесар за добрососедство и проширување, Оливер Вархеји, чии блиски врски со владата на Орбан предизвикаа повеќе од неколку „подигнати веѓи“. Понатаму, извештаите првично требаше да се објават во мај, но беа одложени во последен момент.
Извештаите се со библиски размери. За секоја земја се дискутира подетално од кога и да е, на околу 100 страници, така што новинарите и набљудувачите мораа да пренесат повеќе од 600 страници извештаи за состојбата на проширување на Западен Балкан. Ова се многу дрвја, но дали прават шума? Новите извештаи се чини дека адресираат некои од претходните критики, дека немаат детали и пропуштаат важни случувања, особено слабостите и недостатоците. Огромниот обем на извештаите сега ги прави посеопфатни и ги засега најважните случувања во оваа бурна година. Сè уште ова не придонесува за јасна слика за тоа како Комисијата гледа на регионот. Деталите ја задушуваат големата слика.
Новата методологија започната со големи фанфари во февруари 2020 година за смирување на загриженоста на Французите за проширувањето, не е многу видлива во новите извештаи. Според новата методологија, напредокот во принцип е поврзан со конкретни придобивки, а за недостатокот на напредок или враќањето назад во реформите се предвидува дека ќе има последици.
Извештаите вешто го заобиколуваат тој детаљ, а интерпретирањето на целокупната слика е должност која му е дадена на комесарот. Ова е пропуштена можност за преформулирање на извештаите за да добијат поголема јасност, наместо да се прават посеопфатни. Фрустрацијата на Комисијата од владите во регионот е, сепак, појасна отколку порано.
На пример, за Србија во извештајот се забележува дека српската влада „продолжува да ги прогласува европските интеграции за своја стратешка цел“, со што станува јасно дека тоа во голема мера е декларативна заложба, отколку реалност. Сепак, извештаите и резимето останаа нејасни. Степенот на напредок е наведен во некои клучни полиња, но изборот што да се вклучи е релативно произволен (зошто само слободата на изразување, а не и граѓанските слободи?), па дури и формата на проценка не се користи доследно, што споредбите ги прави тешки. Табелата подолу ја покажува целокупната слика во сегментите каде општиот документ ги споредува земјите рамо до рамо.
Целокупната насока на извештаите во врска со владеењето на правото и демократијата, каприците и неодржливите недоследности, е јасна – во очите на Комисијата, Босна постигнала најмал напредок, заедно со Србија. Црна Гора и Косово се речиси изедначени со мал степен на напредок. Конечно, Албанија и Северна Македонија станаа предводници според целокупниот напредок.
Сепак, извештаите не го регистрираат назадувањето што се случи во неколку земји, вклучително и во Србија и Албанија за време на пандемијата и претходно. Уназадувањето или регресот се чини дека сè уште не е дел од вокабуларот на Комисијата, така што во извештајот за Албанија се забележува дека „нема напредок“ во однос на слободата на изразување, кога се апсеа и казнуваа новинари и активисти за уривањето на Националниот театар во време на пандемијата. Дури и кога извештаите го доловуваат проблемот, решенијата се нејасни и слаби.
Годишните извештаи на Комисијата треба да бидат прилагодени на сржта на новата методологија која требаше да го направи процесот пополитички. Ова значи зацртување на приоритетите, истакнување на причините за недостатоците и проблемите и давање конкретни предлози за следните чекори во процесот на пристапување. Штета е што единствениот, најсеопфатен инструмент за политичка проценка на ЕУ за земјите кандидатки останува неискористен.
И покрај тоа што извештаите повеќе се приближија кон опфатот на проблемите во регионот од претходните извештаи, тие сè уште заостануваат во нотирањето на падот на демократијата и владеењето на правото во повеќето земји и нудат премалку анализи за да се покаже патот напред. Во крајна линија, извештаите се ПР-катастрофа за ЕУ на Западен Балкан. Тие ја прикриваат реалната слика, нудејќи премногу детали и премала јасност. Со вакви извештаи, единствено може да се очекува да се пополнат илјадници страници виртуелна харија за многуте претстојни години од процесот на проширување кон Западен Балкан.
Оригиналниот текст на Флоријан Бибер на анаглиски јазик може да го прочитате тука.