Ние, се разбира, сме многу загрижени за западната реторика за можноста за употреба на нуклеарно оружје, одговори Сергеј Наришкин, на што новинарот на Би-би-си му возврати дека нема докази за покрепа на руското тврдење дека Киев се подготвува да употреби т.н. „валкана бомба“
Британскиот јавен сервис Би-би-си го соочи шефот на руската Служба за надворешно разузнавање, Сергеј Наришкин, еден од најмоќните функционери во Москва, со прашања за руската нуклеарна реторика.

„Дали категорично ќе наведете дека Русија нема да користи нуклеарно оружје во Украина или да се вклучи во други провокативни дејства, како што е употреба на валкана бомба или да крене брана во воздух“, го праша Наришкин новинарот на Би-би-си, Стив Розенберг, на течен руски јазик.
Шефот на руското разузнавање не само што не одговори директно на прашањето туку прстот го впери кон Западот.
„Ние, се разбира, сме многу загрижени за западната реторика за можноста за употреба на нуклеарно оружје“, одговори Сергеј Наришкин.
„Вчера рускиот министер за одбрана (Сергеј Шојгу, н.з.) разговараше телефонски со своите колеги од Турција, САД и Франција. Тој им кажа за можните планови на украинското раководство да користи таканаречена ‘валкана нуклеарна бомба’“, продолжи Наришкин.
„Но, нема докази за поткрепа на тоа тврдење“, му врати новинарот, на што Наришкин се повика на изјава на украинскиот претседател Володимир Зеленски од минатото.
Видео од дијалогот на новинарот на Би-би-си со шефот на руското разузнавање може да погледнете овде.
Вчера владите на САД, Обединетото Кралство и Франција издадоа заедничка изјава за тврдењата на руската влада. Тие ги отфрлија, како што ги нарекоа, „проѕирно лажните обвинувања на Русија“ против Киев, додавајќи: „Светот ќе го препознае секој обид да се искористи ова тврдење како изговор за ескалација. Ние дополнително отфрламе каков било изговор за ескалација од страна на Русија“.