Израелските одбранбени сили соопштиле дека нивните војници убиле терористи во блиски средби, откриле бројни оружја и разузнавачки документи низ болницата, а спречиле штета за цивилите, пациентите и медицинските тимови
Израелската војска денеска се повлекла од најголемата болница во Газа, „Ал-Шифа“, по 14-дневна опсада за која очевидци и палестински официјални претставници велат дека во голема мера се уништени објектите, а безживотни тела се расфрлани низ комплексот, пренесува Си-ен-ен.
Израелските одбранбени сили го потврдија своето повлекување, велејќи дека нивните војници убиле милитанти на Хамас и заплениле оружје и разузнавачки документи.
„Терористичката база во ‘Ал-Шифа’ е елиминирана“,
рече израелскиот министер за одбрана Јоав Галант, со што ја пофалил решителната и професионална акција на израелската војска.
Како што пренесува Си-ен-ен, медицинските екипи работат на извлекување на стотици тела расфрлани низ теренот во „Ал-Шифа“, а според цивилната одбрана на Газа, досега се пронајдени најмалку 300 тела. Тешко е да се утврди точниот број загинати луѓе, се додава, бидејќи израелските војници закопале тела внатре и околу комплексот и ги уништиле блиските патишта.
Раед ал Дахшан, директор за операции во Цивилната одбрана на Газа, изјави за Си-ен-ен дека е „речиси невозможно“ возилата на брзата помош да стигнат до болницата поради оштетените патишта во градот.
Портпаролот на израелската војска, Даниел Хагари рече дека 900 осомничени милитанти биле приведени за време на нејзината двонеделна операција.
Повеќе од 500 од нив биле идентификувани како членови на Хамас или Палестински исламски џихад, рече тој, додавајќи дека некои од приведените се команданти и значајни луѓе.
Министерството за здравство на Газа соопшти дека околу 3 000 луѓе биле во болницата кога израелската војска ја започнала својата рација на 18 март, втора на објектот во речиси шест месеци војна со Хамас.
Откако тврдеше дека првата операција во ноември била успешна, израелската војска во јануари соопшти оти целосно ја разбила командната структура на Хамас во северниот дел на Газа, само за Хамас, наводно, да се врати на истата локација неколку месеци подоцна, предизвикувајќи обновен израелски напад.
Палестинците почнале да пристигнуваат во уништениот комплекс за да бараат исчезнати членови на семејството.
„Ситуацијата е многу лоша. Ал-Шифа е целосно уништена и изгорена. Многу од нејзините згради се целосно уништени или јагленосани“,
рече Махмуд Басал, портпарол на Цивилната одбрана на Газа.
Минатата недела, жителите на областа околу „Ал-Шифа“ изјавија за Си-ен-ен дека има силен оган во околината.
Хамас претходно го обвини Израел дека напаѓа цели без оглед на пациентите или медицинскиот персонал внатре.
Цивилните згради како болниците се заштитени според меѓународното хуманитарно право, но може да го изгубат својот заштитен статус доколку се користат за извршување дела штетни за непријателот.
Израел вели дека борците на Хамас користат џамии, болници и други цивилни згради за да се скријат од израелските напади и да започнат свои. Хамас постојано ги негираше овие тврдења.
Израелските одбранбени сили соопштиле дека нивните војници убиле терористи во блиски средби, откриле бројни оружја и разузнавачки документи низ болницата, а спречиле штета за цивилите, пациентите и медицинските тимови.
Инаку, израелската војска се врати на сила на „Ал-Шифа“ на 18 март, и покрај тоа што Галант во јануари објави дека најинтензивната фаза од операциите во северна Газа е завршена.
Американскиот советник за национална безбедност Џејк Саливан на 18 март рече дека „Хамас се вратил во „Ал-Шифа“ по првиот напад на Израел минатата година.
Меѓународните организации ја осудија опсадата, при што генералниот директор на Светската здравствена организација (СЗО), Тедрос Аданом Гебрејесус предупреди дека „болниците никогаш не треба да бидат боишта“.
СЗО и другите хуманитарни групи предупредуваат на постојан глад во северниот дел на Газа. До крајот на март, 70 отсто од населението во Газа страдаше од катастрофални нивоа на глад, според извештајот поддржан од ОН.