Сите политички партии ги кажале своите политички ставови, дел од нив и се познати на јавноста, но јас сепак оставам на секој лидер на политичка партија да го каже својот став, нема да зборувам во туѓо име. Клучно е што седнавме на иста маса за да ги отвориме и да разговараме за овие многу важни процеси од кои зависи иднината на сегашните и идните генерации, рече Ковачевски по средбата

Без конкретни заеднички заклучоци усвоени од претседателите на парламентарните политички партии заврши денешната лидерска средба во Собранието.
По средбата, премиерот Димитар Ковачевски изјави дека пред неговите колеги од останатите партии изнел свои заклучоци, но тие не биле усвоени од страна на останатите лидери на политичките партии, а како што рече, останува секој од лидерите да даде свое видување за тоа како гледа на лидерската средба.
„Денеска сите ги кажаа своите ставови. Имаше од моја страна предложено заклучоци кои се однесуваа на тоа дека политичките партии кои се дел од Парламентот се согласни дека европскиот процес, односно со стратешката определба за членство на нашата земја во Европската Унија, е надпартиски и инклузивен процес, дека согласно нашиот национален интерес за членство на земјата во ЕУ сите чинители во Собранието на државата треба да дадат целосна поддршка на евроинтеграциските процеси што ќе се повтори определбата на нашите политички партии за брза интеграција во ЕУ како стратешки приоритет“,
рече Ковачевски.
Тој додаде дека побарал претставниците на политичките партии да учествуваат во давањето поддршка и спроведувањето на неопходните европски реформи кои произлегуваат од преговарачката рамка и Извештајот на ЕУ и процесот на скрининг што се одвива во моментов.
„Следно е при водењето на преговорите, исто така доследно да се придржуваме кон определбата за безусловно почитување на јазичните, идентитетските и културните особености на македонскиот народ, како елементи за кои не се преговара со ЕУ врз основа на заклучоците усвоени во Собранието на 16 јули годинава и натаму да останат основа за принципиелно водење на преговорите и почитување на нормите на меѓународното право“,
додаде Ковачевски.
Ковачевски изрази благодарност што сите лидери на парламентарните политички партии од Собранието биле присутни на денешната лидерска средба, со исклучок на лидерите на Беса и на Левица, и додаде дека сите политички партии ги кажале своите ставови и биле сослушани од сите присутни на средбата. Премиерот, сепак, не сакаше да коментира ниту еден од нив, оти како што рече, не сака да говори во туѓо име.
„Дел од нив и се познати на јавноста, но јас сепак оставам на секој лидер на политичка партија да го каже својот став, нема да зборувам во туѓо име. Клучно е што седнавме на иста маса за да ги отвориме и да разговараме за овие многу важни процеси од кои зависи иднината на сегашните и идните генерации“,
додаде Ковачевски нагласувајќи дека сите политички партии треба да бидат свесни дека пристапувањето кон ЕУ е процес за кој нашите предци пред 31 година формирале држава и ги поставиле стратешките цели на државата, а тоа е НАТО и ЕУ.
За мене и за најголем дел од граѓаните, рече Ковачевски, вин-вин ситуација е зачленување на Северна Македонија во ЕУ.
„Меѓутоа тоа зачленување во ЕУ да биде направено врз основа на пристапот што го одобри со заклучоците Собранието, а тоа е заштитен јазик, со заштитен идентитет, со заштита на културните обележја на македонскиот народ и со историските прашања кои не се дел од преговарачката рамка, туку се дел од работата на историската комисија. Како ќе се однесуваат политичките партии во иднина во поглед на одобрувањето на одлуките што се пред нас и се во процес што треба да се случува пред нас се надевам дека како и до сега Северна Македонија секогаш ќе обезбеди сила за да продолжи по својот европски пат, таму каде што државата и граѓаните заслужуваат да бидат“,
рече премиерот.
На прашањето дали од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски се побарани гаранции за да гласаат за промена на Уставот и влез на Бугарите, Ковачевски рече дека навистина не би сакал да зборува за ставовите на политичките лидери.
„Не би сакал на ниту еден начин, заради политичка коректност, да давам коментари кој што кажал ка средбата. Секој кој смета да сподели со јавноста и колку смета да сподели со јавноста тогаш ќе го каже во свое име“,
одговори Ковачевски.
На новинарски коментар дека воопшто не е спомената темата за условот на албанскиот блок партии кои за одобрување на уставните измени бараат промена на формулацијата „јазик кој го говорат 20 отсто од населението“ со „албански јазик“, премиерот уште еднаш кажа оти секој од политичките лидери на средбата ги кажал политичките ставовите за кои и претходно јавно ги имаат искажано.
„Секој од лидерите на политичките партии беше сослушан и ислушан од сите присутни на средбата“,
додаде тој.
Премиерот заклучи оти лидерската средба сама по себе е позитивна затоа што на едно исто место седнале лидерите на сите политички партии во парламентот за да се разговара за, како што рече, исклучително важното прашање за европската идинина на државата.