Доколку не се постигне договор за закуп и купопродажба, дополнуваат од компанијата, единствен пат до обезбедување парно греење за град Скопје е БЕГ во деловно-техничка соработка со ЕСМ да продолжи бесправно да го користи имотот во сопственост на „Адора инженеринг,“ што е директна повреда на правото на сопственост
Изгледите за постигнување договор само за закуп доколку нема јасна интенција за купопродажба на топланите „Исток“ и „Запад“ во овој момент е енормно штетен, со дополнителни загуби од над 550 илјади евра годишно, велат од компанијата „Адора инженеринг“.

Доколку не се постигне договор за закуп и купопродажба, дополнуваат од компанијата, единствен пат до обезбедување на парно греење за град Скопје е БЕГ во деловно-техничка соработка со ЕСМ да продолжи бесправно да го користи имотот во сопственост на „Адора инженеринг,“ што е директна повреда на правото на сопственост.
Во соопштение, за текот на разговорите со ЕСМ, од компанијата повторуваат дека се подготвени доколку ги наплатат побарувањата од изминатиот период да ги продадат топланите по истата цена по која ги купиле. Од компанијата потенцираат дека сакаат сите процедури да се спроведат транспарентно во согласност со законските прописи.
Како што наведуваат, уште на 18 август годинава првично од страна на ЕСМ до „Адора инженеринг“ било испратено Барање за доставување понуда за купопродажба на топланите „Исток“ и „Запад“, а на што тие позитивно одговориле.
„Компанијата е согласна со ова барање и сме подготвени доколку ги наплатиме побарувањата од изминатиот период, кој што законски ни следуваат, да го продадеме имотот по истата цена по која што го купивме. Секако сакаме сите процедури транспарентно да се спроведат во согласност со законските прописи. Изгледите за постигнување на Договор само за закуп доколку нема јасна интенција за купопродажба во овој момент е енормно штетен за ‘Адора инженеринг’, односно дополнително на досегашните загуби, би ја ставал компанијата во загуба од над 550 000 евра секоја година“,
стои во соопштението.
Како и досега, се додава во соопштението, „Адора инженеринг“, останува до крај кооперативна во интерес на граѓаните и разговорите, меѓутоа мора да сме децидни дека во овие светски кризни времиња мораме да носиме разумни одлуки за нашата компанија.
„Адора инженеринг“ на 1 септември минатата година на јавна лицитација за сума од 9,26 милиони евра со вклучени даноци ги купи топланите „Исток“ и „Запад“, коишто претставуваат основни средства за регулираното производство на топлинска енергија во градот Скопје, кои беа во стечајна постапка.
Тогаш компанијата излезе со амбициозни планови и најави „успешна домашна приказна во бизнисот со топлинска енергија“.