Сепак, земјите членки имаат опција да прифатат сертификати за вакцинација и за други вакцини, а ќе се прифаќаат и опции како негативен ПЦР-тест или прележан ковид-19
Европската комисија го објави долгоочекуваниот предлог за дигитални зелени сертификати со кои треба да се олесни патувањето на граѓаните во ЕУ.
Како што се очекуваше, овие сертификати ќе се издаваат само за примени вакцини кои се одобрени од Европската агенција за лекови (ЕМА).
Според предлогот што го објави МИА од Брисел, за да може граѓанин да влезе во земја на ЕУ со доказ за вакцинација, вакцината мора да биде од тие што добиле одобрување за користење на пазарот во ЕУ, но земјите членки имаат опција да прифатат сертификати за вакцинација и за други вакцини. За овој предлог треба да разговараат земјите членки.
Како ќе изгледа „вакциналниот пасош“?
Европската комисија предлага дигиталните зелени сертификати да ги содржат следните информации: име, презиме, датум на раѓање, која земја членка го издава сертификатот и единствен број за идентификација.
Покрај тоа, во документот ќе стои со која вакцина е вакцинирано лицето. Во случај на невакцинирани лица, сертификатот ќе содржи информации за резултатот од тестот, за кој типот тест за ковид се работи, на кој ден и во колку часот е направен, во кој центар за тестирање.
Третата опција за патување е во сертификатот да стои дали лицето прележало ковид-19, со датум за позитивниот тест.
Документот ќе постои во дигитална форма или на хартија, според избор на патникот.
За да стапи во сила овој предлог за сертификати, земјите членки и Европскиот парламент треба да го одобрат. Европската комисија изрази надеж дека тоа ќе биде сторено пред летото за непречено да може да се одвива туристичката сезона.