На денешната средба, како што рече по неа претседателот на Синдикатот, Трпе Деаноски, од страна на работната група на Владата им било кажано дека има волја за решавање на проблемот, но конкретен предлог во однос на нивните барања не добиле. Прашан дали постои оптимизам, тој изјави дека од другата страна го има, но не и кај него
Во писменото соопштение испратено по средбата, од Владата велат дека „со оглед на тоа што двете страни се блиску до изнаоѓање на заемно прифатливо решение, кое ќе значи унапредување на социјалниот дијалог, од страна на претставниците на Владата беше отворено прашањето за ставање во мирување на штрајкот на вработените во судската и јавнообвинителската служба, што дополнително би ја поттикнало атмосферата на заемна соработка и разбирање
Без конкретна понуда и без договор заврши и втората средба меѓу Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани (УПОЗ) и Владата во врска со барањата на вработените во јавнообвинителската и судската служба за покачување на платите за 78 отсто и враќање на додатокот на плата.
На вечерашната средба, како што изјави претседателот на Синдикатот на УПОЗ, Трпе Деаноски, не добиле конкретен предлог од Владата во однос на нивните барања. Тој најави дека до петок или во текот на следната недела треба да се одржи уште една средба.
На денешната, како што рече Деаноски, од страна на работната група на Владата им било кажано дека има волја за решавање на проблемот.
„Волја има. Владата мисли дека ќе се изнајде решение за овој проблем, меѓутоа конкретна понуда сè уште нема. Преговорите ќе продолжат уште еднаш или двапати. До петок треба да се финализира Буџетот за следната година за да може и ние да добиеме поконкретни податоци што и како се планира од страна на Владата во врска со нашите барања“,
изјави претседателот на Синдикатот на УПОЗ по средбата.
Кога точно ќе се одржи следната средба на работните групи, Деаноски рече дека не добиле конкретен термин бидејќи, како што додаде, треба да се „финализираат математиките од страна на Министерството за финансии“ и понудата што би дошла до нив да помине на Влада на наредната седница.
Прашан дали постои оптимизам, тој изјави дека од другата страна го има, но не и кај него, односно Синдикатот.
„Оптимизам има од таа страна. Јас не можам да кажам дека сум оптимист од оваа страна, бидејќи нашите барања се покачување на платите за 78 отсто и враќање на додатоците на плата што сега ги немаме. Ќе видиме што ќе понудат“,
изјави Деаноски.
Тој го повтори ставот што го кажа пред почетокот на денешната средба, дека се надева на договор за некоја „златна средина“.
„Дали ќе има Владата средства да даде за таа златна средина, не знам, очекувам конкретен одговор. Сè додека немам конкретен одговор, ќе останам реалист“,
рече претседателот на Синдикатот на УПОЗ, Трпе Деаноски.
За денешната средба попладнево преку писмено соопштение информираат и од Владата, од каде што велат дека на состанокот со Синдикатот на УПОЗ бил реафирмиран ставот дека низ инклузивен и транспарентен дијалог може да се решат прашањата поврзани со вработените во судската и јавнообвинителската служба.
„Со оглед на тоа што двете страни се блиску до изнаоѓање на заемно прифатливо решение, кое ќе значи унапредување на социјалниот дијалог, од страна на претставниците на Владата беше отворено прашањето за ставање во мирување на штрајкот на вработените во судската и јавнообвинителската служба, што дополнително би ја поттикнала атмосферата на заемна соработка и разбирање“,
се наведува во соопштението од владината прес-служба по средбата.
Работната група на Владата во преговорите со Синдикатот на УПОЗ ја сочинуваат вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, заменик-министерот за финансии, Филип Николовски, и заменик-министерката за правда, Викторија Аврамовска Мадиќ,
По неколкунеделни протести на вработените во јавнообвинителската и судската администрација, минатата недела Синдикатот на УПОЗ и Владата седнаа на разговори со цел да се изнајде заедничко прифатливо решение за нивните барања.