Освен поранешните министри, минатиот месец и 29 пратеници од претходниот парламентарен состав добија одобрение од собраниската Комисија за избори и именувања да земаат апанажа

Поранешните министри за финансии и за економија, Фатмир Бесими и Крешник Бектеши, во следните 12 месеци ќе добиваат апанажа поради престанокот на нивниот работен однос во Владата. Нивниот колега од поранешната влада, министерот за правда Кренар Лога, апанажа ќе добива во наредните девет месеци.
Одлуката за апанажа денеска беше изгласана од членовите на Комисијата за прашања на изборите и именувањата.
Со тројцата поранешни министри кои ќе добиваат апанажа се надополнува листата на која веќе се Бојан Маричиќ, Јетон Шаќири и Наим Бајрами.
Членовите на Комисијата за прашања на изборите и именувањата денеска изгласаа и четворица пратеници наместо секојдневни патни трошоци да користат надоместок за кирија за стан во Скопје. Барањето за закупнина на стан им беше одобрено на пратениците Даниела Христова, Грација Бакраческа, Јован Јаулески и Јованка Тренчевска.
Денеска беше изгласано и Ристана Лалчевска да прима плата уште шест месеци до остварување на правото на пензија, како поранешен член на Државната комисија за одлучување во втор степен во областа на инспекцискиот надзор и прекршочната постапка.
Исто така, собраниската комисија одобри и поранешната генерална секретарка на Собранието, Цветанка Иванова, да го оствари правото на отпремнина при заминување во пензија.
Минатиот месец 29 пратеници од минатиот парламентарен состав добија одобрение од собраниската Комисија за избори и именувања да земаат апанажа.
Од вкупно 29 пратеници кои досега побарале и на кои им е одобрена апанажа, 26 ќе го добиваат надоместокот во текот на една календарска година, односно 12 месеци. Една година правото на апанажа ќе го користат Жаклина Лазаревска, Соња Михајловска, Ненад Коциќ, Марија Георгиевска, Санела Шкријељ, Дарко Каевски, Марија Костадинова, Марија Ангелова, Емилија Рамбабова, Љупчо Балковски, Белкиса Зеќири, Даниела Колева, Бајрам Кадрија, Атнан Незири, Лолита Ристова, Диме Велковски, Артина Ќазими, Марија Кочовска, Мухамед Кадриов, Игор Јанушев, Маја Морачанин, Боби Мојсоски, Кастриот Реџепи, Лазе Таневски, Мартин Костовски и Мирче Аџиовски.
Мирослав Јовановиќ од Српската странка во Македонија ќе прима апанажа само два месеца, односно до стекнување на правото на пензија. До стекнување на правото на пензија во периодот од шест месеци апанажа ќе зема и Абдула Салиу од Алијанса за Албанците, а поранешниот пратеник Ремзи Мехмеди девет месеци.
Право на апанажа од минатиот состав на парламентот имаат 57 пратеници зашто не се дел од новиот.
Според Законот за плата и другите надоместоци на пратениците во Собранието и другите избрани и именувани лица, тримесечна апанажа добива пратеник ако функцијата ја вршел до шест месеци, апанажа во времетраење од шест месеци добива пратеник кој бил на функцијата од шест месеци и еден ден до 12 месеци, деветмесечна апанажа добива пратеник ако функцијата ја вршел од 12 месеци и еден ден до 24 месеци и едногодишна апанажа добива пратеник ако функцијата ја вршел барем еден ден повеќе од 24 месеци.
Апанажата е во висина на платата на пратениците и ја исплаќа Собранието.