Потегот на Бајрами доаѓа два дена по средбата на лидерот на Беса, Билал Касами, доскорешниот висок функционер на ДУИ и иницијатор на нов политички субјект во албанскиот блок, Изет Меџити и лидерот на Алтернатива, Африм Гаши. По средбата што ја одржаа тројцата политичари соопштија дека разговарале за создавање заеднички опозициски фронт како неопходност на албанската политичка сцена
Генералниот секретар на Беса тврди дека неговите довчерашни сопартијци, Бастри Бајрами и Аријанит Хоџа, со одбивањето да се приклучат во заедничкиот опозициски фронт всушност одработуваат за спас на ДУИ
Бастри Бајрами, пратеник од редовите на движењето Беса во Собранието, отсега ќе дејствува како независен во законодавниот дом. За ова тој утринава го информирал собранискиот спикер Талат Џафери преку писмено известување, кое го пренесе Медиумската информативна агенција (МИА).

„Јас, долупотпишаниот пратеник, Бастри Бајрами, Ве информирам дека од денес ќе дејствувам како независен пратеник во Собранието на Република Северна Македонија“,
гласи известувањето кое Бајрами го доставил до претседателот на Собранието.

Потегот на Бајрами доаѓа два дена по средбата на лидерот на Беса, Билал Касами, доскорешниот висок функционер на ДУИ и иницијатор на нов политички субјект во албанскиот блок, Изет Меџити и лидерот на Алтернатива, Африм Гаши. По средбата што ја одржаа тројцата политичари соопштија дека разговарале за создавање на заеднички опозициски фронт како неопходност на албанската политичка сцена.
Додека Меџити, Гаши и Касами ја ги поставуваа темелите на опозицискиот блок, заменик-претседателот на Беса, Арјанит Хоџа, во објава на Фејсбук напиша дека целосно се оградува од политичките дејствија во т.н. „опозициски блок“ бидејќи, како што наведе, целта на неговите иницијатори не е политичка промена, туку „перење“ на политички фигури кои до неодамна беа актери во одржувањето на актуелната власт во живот.
ТВ 24, повикувајќи се на свои извори, пред два дена објави дека на иста линија со Хоџа е и пратеникот од Беса, Бастри Бајрами, кој денеска го најави своето независно дејствување во парламентот.
Инаку, Бајрами беше избран за градоначалник на Арачиново на локалните избори во 2009 година како кандидат на тогаш младата политичка партија Нова демократија формирана од Имер Селмани.
Бајрами и Хоџа одработуваат за ДУИ, тврди генералниот секретар на Беса
Генералниот секретар на Движењето Беса, Абуш Демири, во изјава за „Слободен печат“ истакнува дека партиските функционери кои се дистанцираа од идејата за креирање обединет опозициски фронт всушност одработуваат за спас на ДУИ.
„Од социјалните мрежи сме информирани за односот на Арјанит Хоџа и Бастри Бајрами дека се дистанцираат од опозицискиот фронт. Тоа е нивна лична одлука, најголем дел од партиските тела и структури се со апсолутно мнозинство за влез во опозицијата и испраќање на ДУИ во опозиција. Се чини дека здружената опозиција некому му пречи, но залудни се напорите да се спаси ДУИ. Албанската опозиција секој ден се повеќе се обединува, а на следните избори ќе излезе како победник, што покажува и последната анкета“,
вели Демири за „Слободен печат“.