Нашиот став е дека 20 отсто треба да се отстрани од Уставот затоа што таа формулација е навредлива за нас како народ, велат од Беса
Движењето Беса во текот на неделата ќе го прецизира повикот за средба на заедничката маса на албанските парламентарни партии. Од извори на албанската опозициска партија се дознава дека на средбата ќе бидат поканети сите албански партии застапени во Собранието.
„Нашиот став е дека 20 отсто треба да се отстрани од Уставот затоа што тој е навредлив за нас како народ. На последниот попис излезе резултатот дека сме повеќе од 20 отсто, и ќе продолжиме да бараме со сите сили во Собранието укинување еднаш засекогаш на 20 отсто“,
рече Блерим Сејдиу, потпретседател на Движењето Беса, пренесува Алсат М.
Другите албански партии начелно се согласуваат да се сретнат за да ги координираат позициите и дејствијата за уставните измени.
Од Алијанса за Албанците, исто така, се за средба која, според в.д. претседателот на оваа партија, Арбен Таравари, треба да ја свика првиот човек на ДУИ, Али Ахмети. Во случај Ахмети да не направи такво нешто, Таравари изрази подготвеност тој да закаже средба со албанските лидери кога сите ќе бидат подготвени.
Дека средбите и координациите на албанските партии се од полза за процесите во земјава, истакна во саботата и претседателот на ДУИ, Али Ахмети, на отчетната средба во Тетово.
Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, прашан дали ќе има средба со политичките партии на Албанците во врска со измените на Уставот и евентуална замена на формулацијата за јазик што го зборуваат најмалку дваесет отсто од граѓаните со албански јазик тој рече дека состаноци од таков карактер се добри и дека се во постојана комуникација со сите политички партии, како и со меѓународната заедница.
Дефиницијата „дваесет отсто“, според Ахмети, е компромис што е направен во 2001 година со цел да не и се наштети на супстанцијата на мировниот Охридски договор. Ахмети додаде дека дискутирале и со ВМРО-ДПМНЕ и со СДСМ дека во вистинскиот момент кога ќе има 80 гласа „овој проблем може и да се поправи”.