Портпаролот Ендрју Бејтс изјави дека за време на својот мандат, Бајден успеал да ја претвори американската економија, која беше во пад, во најбрзо растечка економија во светот и дека за време на неговиот мандат е забележана најниската стапка на насилен криминал во речиси 50 години
Белата куќа вчера соопшти дека американскиот претседател Џозеф Бајден ќе го отслужи својот мандат до крајот, и покрај повиците на некои републиканци во Конгресот тој да се повлече.
Во соопштението од Белата куќа се вели дека Бајден „со нетрпение очекува да го заврши својот мандат“.
Портпаролот Ендрју Бејтс изјави дека за време на својот мандат, Бајден успеал да ја претвори американската економија, која беше во пад, во најбрзо растечка економија во светот и дека за време на неговиот мандат е забележана најниската стапка на насилен криминал во речиси 50 години.
Бејтс нагласи дека Бајден го направил НАТО поголем од кога било.
„И тој ќе продолжи да се бори за заштита на слободите на Американците од радикални забрани за абортуси и напади врз владеењето на правото“,
рече Бејтс.
Претседателот на Соединетите Американски Држави, кој беше и кандидат на Демократската партија за претстојните претседателски избори во САД, вчера на социјалната мрежа Икс соопшти дека ја повлекува кандидатурата, но ќе продолжи до крајот на мандатот да ја извршува функцијата претседател на САД.
Бајден беше под жесток притисок од својата партија и бројни подржувачи да се повлече од претседателската трка, иако победи на гласањето на членството на внатрепартиските избори. Причината беше неговото сѐ поочигледно слабо здравје, како и опаѓањето на когнитивните способности.
Бајден ја поддржа својата заменичка Камала Харис да биде кандидат на Демократската партија за претседател на САД наместо него.