Министерот за економија Крешник Бектеши вели дека, доколку има неправилности при увозот на сомнителниот мазут, документацијата ќе заврши во рацете на Јавното обвинителство кое ќе покрене постапка.
„Во моментов ги собираме сите информации за увозот и дистрибуцијата на сомнителниот мазут и кога ќе ги имаме сите податоци ќе ја информираме јавноста. Ако не се реализирани сите процедури согласно Правилникот за квалитет на течни горива и процедурите за увоз на нафтени деривати, документите ќе му ги предадеме на Јавното обвинителство“,
изјави денеска Бектеши.
Тој потсети дека по излегувањето на истражувачкиот документарен филм на редакцијата на Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) Владата реагирала, односно во координација со кабинетот на вицепремиерот Љупчо Николовски подготвила заклучоци кои веќе се усвоени.
„Сите институции, почнувајќи од Царинската управа и Државниот пазарен инспекторат, Министерството за економија, Инспекторатот за животна средина, имаат обврска во роковите предвидени согласно заклучоците да ги достават сите информации“,
потсети министерот.
Бектеши, исто така, е и дециден дека сите правилници на Министерството за економија целосно се хармонизирани со барањата на Европската комисија и на Енергетската заедница и во делот на сулфурот и во делот на другите карактеристики кои се проверуваат согласно македонскиот стандард MKS X 430.
Од Јавното обвинителство, за кое Бектеши вели дека ќе биде информирано, пред два дена одговорија дека ги следат сите настани и случувања и согласно своите надлежности ќе постапува во сите случаи каде што постои сомнение дека е сторено кривично дело. Оттаму ги повикаа сите надлежни органи да поднесат пријава кај нив или во МВР ако се сомневаат дека има кривично дело.
Документарецот на ИРЛ, кој беше емитуван во неделата, откри дека токсични масла опасни по здравјето и животната средина, кои при увоз во Македонија влегувале како мазут, се користеле како гориво за греење во повеќе државни институции, но и како гориво во приватни компании во земјава. Токсичното масло во земјава го увезла кичевската компанија „Евротим“. Потеклото е од чешката „Унипетрол“, а посредник во приказната е „Хифа оил“ од Босна и Херцеговина. Проблемот е што производот ја напуштал Чешка како „residual“, односно масло со лош квалитет кое во ЕУ е забрането да се гори во урбани средини, а во земјава влегувало како мазут. Според ставот на Државниот пазарен инспекторат, праксата поминала незабележана бидејќи, според домашната легислатива, тие го проверуваат само количеството на сулфур при увоз, кој пак најчесто бил во дозволени количини.