Според министерот, можно е да станува збор за ненамерна или техничка грешка, но минималната синдикална кошничка, како што истакна, не надминува 43 000 денари. Ова, како што рече Бектеши, го утврдиле неговите соработници и советници поради што најави дека ќе бара состанок со Синдикатот
Постои грешка во утврдувањето на висината минималната потрошувачка кошничка и таа не изнесува 50 000 денари како што покажуваат податоците на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), изјави денеска министерот за економија Крешник Бектеши.
Според министерот, можно е да станува збор за ненамерна или техничка грешка, но минималната синдикална кошничка, како што истакна, не надминува 43 000 денари.
Ова, како што рече Бектеши, го утврдиле неговите соработници и советници поради што најави дека ќе бара состанок со Синдикатот.
„Утре ќе барам состанок со Синдикатот на Северна Македонија затоа што е утврдено од нашите соработници и моите советници дека има грешка во утврдувањето на минималната синдикална кошничка. Што значи грешка, можеби е ненамерна, можеби е техничка грешка дека минималната потрошувачка кошница во државата е 50 000 денари, но не надминува 43 илјади денари согласно методологијата што била претходно. Значи двапати се калкулира од август па наваму инфлацијата во методологијата и во сите елементи кои беа наведени во претходната методологија“,
изјави Бектеши, кој денеска заедно премиерот Димитар Ковачевски и директорот на Државниот пазарен инспекторат беше во обиколка на маркет за да проверат дали трговците ги почитуваат мерки за замрзнување на цените на тестенините, млекото и млечните производи.
Според податоците што на 7 март ги објави ССМ, за да ги обезбеди основните потреби, на едно четиричлено семејство во февруари му биле потребни 50 909 денари.
Најголем дел или 19 379 денари се трошат за храна и пијалаци, а 13 306 денари за комунални трошоци. За превоз минимум се потребни 3 679 денари, а за хигиенски производи 3 154 денари. Во однос на јануари годинава, синдикалната потрошувачка кошничка е зголемена за 110 денари.
Доколку се спореди минималната потрошувачка кошничка пресметана за февруари 2022 година, тоа значи дека трошоците што ги има едно четиричлено семејство за една година се зголемиле за речиси 15 илјади денари, бидејќи во февруари минатата година ССМ пресмета дека минималната синдикална кошничка изнесувала 36 146 денари.
Она на што реферира Бектеши во својата изјава се однесува на инфлацијата. Имено при формирањето на висината на синдикалната кошничка таа еднаш е пресметана преку актуелните трошоци за исхрана, домување, хигиена и другите ставки, додека втор пат таа е вкалкулирана преку посебна ставка – инфлација.
Ова може да се види од следниот графикон: