Петтиот пакет мерки најверојатно ќе се објави следната недела и за разлика од досегашните ќе биде проактивен со грантови шеми
Министерот за економија Крешник Бектеши најавува дека најверојатно следната недела ќе биде објавен новиот, петти антикризен пакет владини мерки за поддршка на граѓаните и стопанството, откако до понеделник ќе се направи уште една консултација со стопанските комори и со синдикатите за прецизирање на мерките.
Во вечерашната емисија „Вин-Вин“ на Телма, Бектеши објасни дека мерките од овој сет ќе бидат насочени кон проактивност на стопанството и на институциите со директно вбризгување на 50 до 60 милиони евра во економијата преку различни олеснувања и мерки. Целта е компаниите да покажат позитивни резултати, а Владата да ги поддржи преку грантови шеми.
„Имајќи го предвид бројот на заразени и како се одвива епидемиолошката состојба во државата и во регионот, време е да започнеме со мерки каде ќе бидеме проактивни како институции и како стопанственици, а да не бидеме само пасивни. Со покажување на позитивни резултати, сакаме да ги поддржиме компаниите преку грантови шеми, со што се консултиравме и со експерти во однос на реализиција на првите сетови. Во првите месеци од почетокот на пандемијата преку мерката за финаниска поддршка за исплата на плати дадовме поддршка за 12 илјади вработени, а во декември таа бројка е на половина. Тоа ни дава за право да одиме со мерки како што се бескаматни кредити во делот на исплата на плати“,
вели Бектеши.
Во однос на злоупотребата со финансиската поддршка за плати од страна на компаниите, а за што денеска на прес-конференција информираше и директорката на Управата за јавни приходи, министерот Бектеши вели дека оние кои ги злоупотребиле парите, не треба да добијат повеќе помош од државата.
„Тоа го барав и во Владата и јавно кажувам дека треба да поставиме критериуми – компаниите кои се објавени од страна на УЈП да не можат да аплицираат за да добијат помош, а ако треба, за нивните вработени ќе се грижи државата“,
рече Бектеши.