Бектеши рече дека цените во блоковите се многу транспарентни и објавени од Регулаторната комисија за енергетика и не верува дека има зголемување на цените и покрај тоа што граѓаните реагираат дека последните сметки за струја кои ги добиле се повисоки во однос на претходните
Министерот за економија Крешник Бектеши ги повика граѓаните доколку сметаат дека има некоја грешка или злоупотреба во сметките за електрична енергија да поднесат жалба до Регулаторната комисија за енергетика.
Бектеши рече дека цените во блоковите се многу транспарентни и објавени од Регулаторната комисија за енергетика и не верува дека има зголемување на цените и покрај тоа што граѓаните реагираат дека последните сметки за струја кои ги добиле се повисоки во однос на претходните.
„Ако сметаат дека има некоја грешка или злоупотреба граѓаните секогаш имаат право на жалба до РКЕ“,
рече Бектеши на денешната прес-конференција одговарајќи на новинарски прашања.
Тој, исто така, повтори дека до 1 јули ќе нема никаква измена во делот на утврдување на цените по блокови, потсетувајќи дека двапати годишно се утврдува цената на струјата за домаќинствата и малите потрошувачи.
Каква ќе биде одлуката од 1 јули натака, Бектеши рече дека во моментот не може никој да знае бидејќи треба да се видат влезните параметри во првите шест месеци од годината.
„Енергетската криза во нашата држава е целосно стаблизирана, редовно се одвиваат сите заложби на енергетските компании и другите вклучени и затоа не очекуваме да има зголемување на цената и од 1 јули имајќи ги во предвид параметрите што ги имаме во моментот и тоа што беше претходно ако го споредуваме со тоа што го имаме во моментов во енергетскиот сектор“,
рече Бектеши.
Во однос на универзалниот снабдувач, Бектеши рече дека до крајот на април е рокот за одлука за најповолната доставена понуда и предлогот да биде доставен до Владата.
„За универзалниот снабдувач се добиени три понуди, постапката е во тек, комисијата работи и има рок да донесе соодветна одлука до крајот на април за да и предложи на Владата. Граѓаните секако дека ќе имаат универзален снабдувач во предвидениот рок“,
рече Бектеши.