Амбасадорот на САД, Џес Бејли во последното интервју пред неговото заминување од земјава за емисијата „360 Степени“ на Алсат, зборуваше за тензиите поврзани со барањето од судот за одобрување притвор на пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Трајко Вељаноски, поранешен претседател на Собранието.
„Прво, би рекол дека ова е ситуација за која се разговара меѓу партиите во парламентот во Македонија, како и што би требало. Ние, а и многу други ваши партнери, рекоа дека е важно, не само за граѓаните на Северна Македонија туку и за вашите партнери да има одговорност за настаните од 27 април. Јавното обвинителство отвори нов предмет и побара притвор за поранешниот спикер и актуелен пратеник Трајко Вељаноски. Двете овие прашања – и одговорноста за 27 април и симнувањето на пратенички имунитет се многу важни и за нив треба доста разгледување. Мислам дека тоа се случува во вашиот политички систем и да видиме што ќе се случи. Тоа е суверена одлука на парламентот. Ова прашање треба да се извага наспроти прашањето на одговорност. Едно од согледувањата е дека ова е прашање на притвор, а не прашање за тоа дали ќе се продолжи со случајот – тоа е одлука на јавниот обвинител. Овде, едноставно, станува збор за притвор на актуелен пратеник“, рече Бејли.
Нема да влезете во коментирање на алузиите за договор меѓу ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ?
„Нема да…. Сигурен сум дека има многу коментари што ова значи, кој со кого зборувал итн. Нема да навлегувам во тоа. Ги гледаме клучните прашања – дека станува збор за сериозна работа, притвор за пратеник, тоа е сериозна работа и е многу важно да се утврди одговорност за 27 април. Ние тоа го гледаме“, рече Бејли.