Предвреме роденото бебе Максим, кое на свет дојде со тежина од 820 грама, заминува дома со 2 400 грама, информираат од Клиниката за гинекологија во Скопје.
Максим се роди на 5 јуни во 25-та гестациска недела. Неговата мајка, Роза Апостоловска од Скопје се породи со царски рез, a Максим e нејзино прво дете.
Новороденчето помина 40 дена на Одделот за интензивна нега и терапија и беше на механичка вентилација. Од Клиниката замина во добра општа состојба и со пораст на телесната маса, по два и пол месечната грижа на педијатрите и целокупниот медицински персонал.
„Благодарение на добрата организација и на постојаното доопремување со најсовремена апаратура за предвремено родени бебиња на Одделот за интензивна нега и терапија добивме уште една битка за живот. Го испративме Максим дома со радост и желби за среќно и безгрижно детство“,
велат од Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство.