Без исполнување на овие услови, нема да има повлекување на барикадите бидејќи ние сме уморни да чекаме да видиме кој од нас е следен на списокот за апсење или егзекуција само затоа што сме Срби
За да се отстранат барикадите од северот на Косово, Србите бараат „ослободување на уапсените Срби, повлекување на тајните списоци за апсење и пукање на Србите и повлекување на специјалните единици на косовската полиција“.
Овие услови ги изнесе претседателот на Српската листа, Горан Ракиќ, на протестот на околу 1 500 Срби што денеска се одржа во Рударе кај Звечан на северот на Косово. Протестот помина мирно и без пријавени инциденти.
Протестот во Рудар, кој траеше околу еден час, се одржа на местото каде што се наоѓа една од деветте барикади што локалното српско население ги постави на 10 декември по апсењето на поранешниот косовски полицаец Дејан Пантиќ.
„Без исполнување на овие услови, нема да има повлекување на барикадите, бидејќи ние сме уморни да чекаме да видиме кој од нас е следен на списокот за апсење или егзекуција само затоа што сме Срби“,
изјави Ракиќ.
Тој рече дека решението за оваа криза е „исклучиво во Приштина“.
Низ насобраната толпа се разви големо српско знаме долго 250 метри.
Граѓаните носеа транспаренти – „Со вера во Бога и за Бадник и за Божиќ“, „Претседателе Вучиќ, веруваме во тебе“, „Затоа што одовде нема враќање“, „Правда за Дејан, Миљан и Слаѓан“, како и голем транспарент со порака: „Курти, Космет не е твоја територија, ова е наше наследство!“.
На протестот во Рудар дојдоа и припадници на српската заедница јужно од Ибар. Станува збор главно за работници кои се вработени во српските институции кои функционираат на Косово.