Од полицијата велат дека сериозно ги земаат предвид ваквите информации и ги преземаат потребните истражни дејствија. Во соопштението на косовската полиција нема прецизни информации за какви киднапирања или тепања станува збор
Косовската полиција синоќа соопшти дека ги следи наводите во одредени медиуми за „киднапирања, тепања и малтретирање на одредени припадници на српската заедница од страна на членови на криминални структури на северот“.
Од полицијата додаваат дека сериозно ги земаат предвид ваквите информации и ги преземаат потребните истражни дејствија.
Во соопштението нема прецизни информации за какви киднапирања или тепања станува збор.
„Покрај активните ангажмани, воспоставени се и контролни пунктови за возила во градовите и патните оски. Во изминатите неколку дена имаше информации, извештаи и објави во медиумите за киднапирање, тепање и малтретирање на некои српски државјани од страна на членови на криминални структури во северниот дел на Република Косово. Косовската полиција, нејзините соодветни единици, сериозно постапува со оваа информација и ги презема потребните истражни дејствија за нивно разјаснување. Косовската полиција им се заблагодарува на граѓаните за континуираната соработка и обезбедувањето важни информации за ефикасно решавање на овие криминални дејствија кои имаат тенденција да создаваат паника и страв кај граѓаните на нашата земја“,
се наведува во соопштението на косовската полиција.
На северот на Косово живее мнозинско српско население. Од 10 декември претставници на српскста заедница подигнаа барикади на неколку локации на северот поради апсењето на Дејан Пантиќ.
Станува збор за поранешен косовски полицаец, кој е осомничен за организирање на „терористички напад“ врз канцелариите на Централната изборна комисија на северот на 6 декември.
Во контекст на синоќешното соопштение, косовската полиција претходно распореди дополнителни службеници во мултиетничката Бошњачка Маала во Северна Митровица по серијата инциденти што се случија на почетокот на декември.
Припадниците на српската заедница на почетокот на ноември ја напуштија косовската полиција на север поради незадоволство од одлуката на Владата на Косово да го спроведе процесот на пререгистрација на возилата од српски во косовски регистарски таблички.
Блокадите граничните премини „Јариње“ и „Брњак“ со Србија на северот на Косово денеска влегоа во тринаесеттиот ден откако беа поставени.
Српскиот претседател Александар Вучиќ вчера изјави дека барикадите на северот на Косово ќе бидат отстранети кога Приштина ќе ја формира Заедницата на српските општини.
Според него Приштина ниту сака да слуша ниту слуша, туку сака само да го понижи Белград.
Косовскиот премиер Албин Курти во понеделникот, неделава изјави дека патиштата на северот на Косово нема да може уште долго време да останат блокирани и дека приштинските власти се во редовна координација со КФОР (воената мисија на НАТО на Косово) во врска со ова прашање.
Српските власти во меѓувреме поднесоа барање до КФОР за враќање на 1 000 припадници на армијата и полицијата на северот на Косово. Од воената мисија на НАТО соопштија дека го примиле барањето и дека го разгледуваат.