Предлогот на министерот за внатрешни работи Наќе Чулев за парична награда на полицајците од 15 000 денари, техничкиот премиер Оливер Спасовски го смета за популизам.
На денешната прес-конференција тој го повтори ставот на министерката за финансии Нина Ангеловска, дека на седницата за ребаланс на буџетот Чулев не предложил ваква мерка, туку кратење на буџетот за МВР.
„Гол популизам, кој никако не може да се поврзе со наградите за здравството. Ќе ви кажам пример, кога се правеше ребаланс на буџетот, министерот за здравство се бореше на седница на Влада да останат парите во буџетот и да додадеме за да им даде награда на здравствените работници. Министерот за внатрешни работи понуди 88 милиони денари да врати во буџетот за други потреби бидејќи не му требале во МВР. Само тоа говори доволно за фактот колку е сериозен во намерите“,
изјави Спасовски.
И министерката Ангеловска на вчерашната прес-конференција изјави дека барањето на Чулев не кореспондира со барањето за ребаланс.
Чулев, пак, во својата реакција го обвини Министерството за финансии дека токму на негово барање било направено кратењето на буџетот, а биле скратени средства од ставката „капитални расходи“ и „стоки и услуги“ за тоа, како што рече, да има најмал негативен ефект врз вработените во МВР.
Во својата реакција на Фејсбук, Чулев прстот го впери и во Спасовски и го обвини дека не водел грижа за полицајците, иако додека бил на чело на МВР алармирал за важноста за нивниот стандард. Чулев ги повика да реагираат и синдикатите.
Македонскиот полициски синдикат, пак, кој со реакција излезе утрово, тврди дека во неколку наврати барал додаток од 25 000 денари за вработените во МВР, но, како што тврдат, од Министерството тоа не било прифатено.