Студентите велат дека битката е добиена, но не и војната за подобар студентски стандард и дека од утре ќе треба да се види што од ветеното ќе се реализира
Барањата кои ги истакнавме и со кои излеговме јавно и транспарентно беа прифатени. До месец март ќе има ретроактивно исплаќање на студентскиот оброк по цена од 120 денари, а од утре ќе има работни групи кои ќе дадат придонес кон носење на системско решение кое очекуваме да биде подолгорочно и со кое ќе се обезбедат многу повеќе средства и подобар начин на исплаќање на студентскиот оброк, изјавија од Универзитетското студентско собрание-УКИМ кои попладнево беа на тричасовна средба со министерот за образование и наука Јетон Шаќири и премиерот Димитар Ковачевски во Собранието.
Сепак студентите велат дека добиен е само мал дел, битката е добиена, но не и војната за подобар студентски стандард и дека од утре ќе треба да се види што од ветеното ќе се реализира од овие работни групи.
„Обезбедено е сите студенти кои досега беа корисници на студентски оброк и понатаму да останат. Универзитетските собранија ќе бидат дел од работните групи кои треба да го креираат системското решение на законот најдоцна до 15 март 2023 година. Борбата за подобар студентски стандард и образование продолжува“,
истакнаа од УСС-УКИМ.
Министерот за образование и наука Јетон Шаќири изјави дека сите заедно одлучиле да се предложи нов предлог-закон во кој ќе влезат условите од постојниот закон од 2021, а веќе од утре тој со претставници на студентските унии активно да работат на наоѓање системско решение како во другите земји.
„Предлог-законот ќе биде во временски период од шест месеци, што значи ретроактивно од 15 септември и ќе продолжи до март и дотогаш ние ќе имаме временски рок на усогласување за новото системско решение кое ќе значи дека студентите ќе добиваат здрав студентски оброк и ќе се реализира исплатата на дневна основа. Во овој период се договоривме ретроактивно за вредноста што беше досега, со измените од 2021 година, а во наредниот период со системското решение ќе биде повисока сумата за студентскиот оброк. Значи од март ќе биде повисока и тоа почнувајќи од 140 денари или според тоа какви ќе ни бидат анализите до тој период“,
рече Шаќири.
Шаќири посочи дека Предлогот со нови, неповолни услови за студентите за остварување на субвенцијата за оброк, не бил предлог на МОН, туку на група пратеници и не стигнал до Влада на разгледување за да се даде мислење.
По средбата со студентите премиерот Димитар Ковачевски, за ТВ Сител, рече дека имало конструктивен дијалог меѓу студентите, МОН и пратениците.
„Се изнајде заеднички јазик за студентскиот оброк, но се разговараше и за други аспекти на студентскиот стандард, како за унапредување на просторот во студентските домови каде тој не е на најдобро ниво. Студентите секогаш имаат право да го кажат својот глас, да ги кажат своите ставови, а на нас во Владата е да ги слушнеме, да се разговара и да се дојде до решение кое ќе биде на задоволство на сите. Поминаа времињата кога некој можеше со студентите да се поигрува така како што сака. Студентите се тие кои се иднината на оваа држава, а за иднината носиме одлуки да биде европска и да живеат како и студентите во другите европски градови“,
рече Ковачевски.
На прашањето за затоплувањето на студенските домови, Ковачевски рече дека министерите за економија и образование и наука ќе треба точно да ја видат потрошувачката и колкава би била таа со додавање на грејни тела, и потоа тоа да се реши во наредниот период.
„Студентските домови се приклучени на централно греење во Скопје и тоа е обезбедено. А, доколку има потреби од догревање тогаш ќе се направи онака како што направивме и за сите витални функции во државата“,
додаде Ковачевски.
Денеска, пред средбата во Собранието, студентите излегоа на протест под мототото „Стоп за уништување на студентскиот стандард“.
Младинското движење на студентите „Студенстки отпор“ бара повлекување на предложените измени на Законот за студентски стандард, изедначување на стипендиите со повискиот износ, изземање на студентите од антикризните мерки на Владата за рационализација и штедење на струја и подобрување на условите и итна санација каде што е неопходна во студентските домови.
Реакциите дојдоа откако беа ставени, па повлечени законските измени со кои се дополнуваа критериуми, а со кои истовремено се зголемуваше и износот на субвенционираниот студентски оброк.
Од Универзитетското студентско собрание на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УСС УКИМ) претходно изјавија дека со таквото решение се предвидува да се стесни кругот на студенти корисници на субенционираниот студентски оброк, наспроти идејата да има здрав оброк за секого.