Народната банка вечерва информира дека, и по прогласувањето вонредна состојба, финансиските институции за кои таа е надлежен регулаторен и супервизорски орган ќе продолжат да работат.
Банките, штедилниците, менувачниците и правни субјекти што даваат услуга брз трансфер на пари, продолжуваат да работат и да ги извршуваат своите клучни функции, со што нивните услуги и натаму ќе бидат достапни, соопштија од централната банка.
„Ние сме во постојан контакт со овие финансиски институции и тие се подготвени да ги овозможат нивните услуги и во вонредни околности“,
се наведува во соопштението од кабинетот на гувернерката на Народната банка.