Во изминативе неколку денови земјите на Балканот се соочуваат со забрзано зголемување на бројките на нови случаи со ковид-19. Во текот на вчерашниот и денешниот ден, се редеа црни рекоди во неколку земји.
Во последните 24 часа во Србија се потврдени 345 нови случаи на коронавирус, а тестирани се 7.032 примероци. Починаа 12 лица, а процентот на смртност е 2,11 отсто. На респиратор се 130 пациенти, а вкупниот број на активни случаи изнесува 3.911, објавено е на веб-страницата на српското Министерство за здравство.
Во Грција денеска се регистрирани 41 нови случаи на Ковид-19, од кои 11 се по направените тестови на влезните точки во земјата. Вкупниот број на заразени се зголеми на 3.772 лица, покажуваат податоците од Националната организација за јавно здравје, јави МИА .
Според грчките медиуми, од останатите 30 случаи, половината, односно 15 се исто така кај туристи, но кои по своја иницијатива се тестирале за време на нивниот престој во Грција.
Во Црна Гора денеска се потврдени 87 нови случаи на коронавирус, што е рекорден број на нови случаи на дневна основа, а две лица починаа. Претходно, најголем број позитивни случаи беа откриени пред четири дена – 66, пренесува РТЦГ. Тестирани се 709 лица. Од почетокот на јуни, во Црна Гора од Ковид-19 починале 14 лица, а оздравеле 10 пациенти. Во моментов активни се 816 случаи, а вкупниот број на заразени надмина илјада.
Во Бугарија изминатото деноноќие се регистрирани 292 нови случаи на коронавирус од 4.540 тестирани, а пет лица починаа. Според Центарот за информации за коронавирусот, оздравеле 79 пациенти. Во болниците низ земјата има 516 пациенти, од кои 32 се на интензивна нега. Од почетокот на пандемијата, во Бугарија се заразени 6.964 луѓе, а во моментов има 3.389 активни случаи. Досега вкупно починале 267 лица.
Нови 93 случаи, шестмина оздравени и четворица починати, е билансот од последното деноноќие за состојбата со ковид-19 во Албанија.
„Од направените 420 тестови на сомнителни случаи, позитивен резултат е добиен кај 93 од нив, што е највисока бројка од појавата на панедмијата на почетокот на март, од кога се направени 31.933 тестови. Вкупната бројка на заразени се зголеми на 3.371 лице, битката со опасниот непијател ја добија 1.881, ја изгубија 89, а активни на болеста се 1.401лице“,
се наведува во соопштението на албанското Министерство за здравство и социјална заштита.
Во Лабораторијата за вирологија при Интитутот за јавно здравје во Албанија може да се прават до 500 тестови дневно, поради тоа, Министерството за здравство најави дека деновиве ќе почне со работа нова лабораторија со капацитет од над илјада тестови дневно.
Во изминатите 24 часа во Босна и Херцеговина се регистрирани 317 лица позитивни за коронавирус, што е најмногу од почетокот на епидемијата, соопштија надлежните власти. Во изминатите 24 часа пријавени се три смртни случаи во Сараево и Високо.
Од почетокот на епидемијата во БиХ, потврдени се 6.712 случаи на коронавирус, додека вкупниот број на смртни случаи изнесува 219.