Премиерот и претседателот на Северна Македонија ги повторија старите барања до вселенскиот патријарх Вартоломеј за признавање на црковната независност на Македонската православна црква и за конечно ставање крај на спорот за нејзиниот статус со Српската православна црква, наведува „Балкан инсјат“.
„Писмата претставуваат продолжение на напорите на премиерот Зоран Заев за затворање на ова чувствително прашање. И Заев и Македонската црква испратија писмо со исто барање до Вартоломеј и во 2018 година. Тие беа охрабрени од тогашната одлука на вселенскиот патријарх да ја признае независноста на Украинската православна црква, спротивно на заложбите на Руската црква и политичките власти“,
додава порталот.
Според „Балкан Инсајт“, патријархот Вартоломеј тогаш индиректно го отфрлил македонското барање, оценувајќи дека сепак ситуациите во Северна Македонија и Украина се различни и ја советуваше Македонската црква да побара решавање на нејзините проблеми околу статусот преку обновени разговори со црквата во Србија.
„Српската православна црква е автокефална уште од 13 век и има силни позиции меѓу православните цркви во светот. Оваа своја позиција таа ја користи за да го блокира признавањето на Македонската црква, која еднострано прогласи црковна независност во 1967 година. СПЦ инсистира на тоа дека Македонската црква може да добие само еден вид автономен статус во рамките на Српската црква. Во изминатите децении имаше многу неуспешни обиди за решавање на спорот“,
се вели во текстот.
Според „Балкан инсајт“, експертите оценуваат дека во последните писма на Заев и Пендаровски се видливи идеи за начинот на кој се надеваат дека спорот може да се реши, при што тие го потсетуваат Вартоломеј на неговото канонско право да ги решава долгогодишните спорови меѓу црквите.