Според новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп, Русија изгубила секаков интерес за Сирија бидејќи е окупирана со Украина во војна која, како што вели, никогаш не требало да започне и може да трае засекогаш. Ако Русија биде принудена да се повлече од Сирија, според него, тоа може да биде најдоброто што може да ѝ се случи
Претседателот Џо Бајден и неговиот тим внимателно ги следат вонредните настани во Сирија и се во постојан контакт со регионалните партнери, објави портпаролот на Советот за национална безбедност, Шон Савет, по последите случувања во Сирија и по објавата на сириските бунтовници дека го освоиле Дамаск.

Со реакција на случувањата во Сирија се произнесе и новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп.

Во објава на својата социјална мрежа Трут соушл, Трамп оцени дека сирискиот претседател Башар ал Асад избегал од својата земја откако ја изгубил поддршката на Русија.
„Асад веќе го нема. Неговиот заштитник, Русија, веќе не беше заинтересирана да го штити“,
напиша Трамп на платформата Трут соушл.
Според Трамп, Русија изгубила секаков интерес за Сирија бидејќи е окупирана со Украина во војна која, како што вели, никогаш не требало да започне и може да трае засекогаш. Додава дека Русија и Иран во моментов се во ослабена состојба, едната поради Украина и лошата економија, другата поради Израел и неговиот борбен успех.
Ако Русија биде принудена да се повлече од Сирија, додава Трамп, тоа може да биде најдоброто што може да ѝ се случи зашто, како што оценува, таа никогаш немала голема корист од Сирија.