„Беше животна привилегија да ѝ служам на оваа нација повеќе од 50 години. Никаде на друго место на Земјата дете со скромно потекло од Скрентон, Пенсилванија и Клејмонт, Делавер, кое пелтечеше, еден ден би седнало на маса во Овалната соба како претседател на САД“, напиша Бајден
Американскиот претседател Џо Бајден, во емотивна изјава пред своето официјално проштално обраќање до нацијата, им се заблагодари на Американците за нивната љубов и поддршка за време на неговиот мандат.
„Ги дадов срцето и душата на нашата нација. И јас бев благословен милион пати во замена за љубовта и поддршката на американскиот народ“,
се наведува во писмото на Бајден кое го објави Белата куќа.
Бајден в понеделник ќе му ги предаде овластувањата на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп, кој победи на претседателските избори во ноември минатата година. Бајден, ветеран демократ, не само што ќе ја напушти Белата куќа по четири години на чело на најмоќната демократија во светот, туку и ќе ја заврши својата политичка кариера.
„Беше животна привилегија да ѝ служам на оваа нација повеќе од 50 години. Никаде на друго место на Земјата дете со скромно потекло од Скрентон, Пенсилванија и Клејмонт, Делавер, кое пелтечеше, еден ден би седнало на маса во Овалната соба како претседател на САД“,
напиша Бајден.
Белата куќа, исто така, објави долга листа од достигнувања на Бајден како претседател, вклучително и „историско закрепнување“ од пандемијата на коронавирус и „економски раст и намалување на трошоците“.
Но, многу Американци ќе го паметат и по неговото инсистирање да се кандидира за втор мандат, иако долго се поставуваше прашањето дали е способен да го стори тоа поради возраста.
„Историјата е во ваши раце. Моќта е во ваши раце. Идејата за Америка е во ваши раце. Треба само да ја задржиме вербата и да се потсетиме кои сме“,
заклучува Бајден во писмото.