Би имал многу да одговорам, но тоа не би одело во прилог на нашата земја, изјави Вучиќ на новинарско прашање да ја коментира честитката од американскиот претседател
Американскиот претседател Џо Бајден денеска му го честиташе Денот на државноста на Србија на српскиот претседател Александар Вучиќ и порача дека САД ќе продолжат да ја поддржуваат Србија во европските интеграции, реформите и постигнувањето траен договор со Косово фокусиран на меѓусебно признавање.
Вучиќ, во изјава за медиумите, се заблагодари за честитката и порача дека веќе еднаш кажал во Вашингтон што мисли за признавањето и дека неговиот одговор нема да биде поинаков.
„Меѓусебното признавање не е наведено во актот на ниедна светска организација. Ние разбираме дека ова е нова американска политика. Имаше обид тој термин да се наметне како нешто што требаше да го прифатиме како конечно решение во Вашингтон. Јас веќе еднаш кажав в лице што мислам за признавањето и мојот одговор нема да биде поинаков“,
рече Вучиќ.
Тој оцени дека „сето тоа не е пријатно затоа што е јасно дека целата американска администрација ќе оди во таа насока“, додавајќи дека би имал многу да одговори, но тоа не би одело во прилог на неговата земја.