Британските медиуми пренесуваат дека Бајден е цврсто посветен да го победи поранешниот американски претседател Доналд Трамп

Американскиот претседател Џо Бајден следната недела ќе се врати во предизборната кампања откако беше во самоизолација поради благи симптоми на Ковид-19, изјави денеска шефицата на неговиот изборен штаб Џен О’Мали Дилон.
Таа рече дека Бајден е цврсто посветен да го победи поранешниот американски претседател Доналд Трамп, пренесуваат британските медиуми. Со ова, пишува Би-би-си, Бајден ја зајакнува својата посветеност да остане во трката откако повеќе демократи го повикаа да се повлече како партиски кандидат.
„Тој е апсолутно посветен на тоа“,
рече О’Мали Дилон во интервју за Ем-ес-ен-би-си.
Таа посочи дека загриженоста што луѓето ја изразуваат мора да се сфати сериозно, но начинот да се надмине е, како што рече, „да се вратиме на работа за да го победиме Доналд Трамп“.
Од Белата куќа на 18 јули потврдија дека американскиот претседател Џо Бајден е позитивен на ковид-19.
Според изјавите на неговите доктори, тој има благи симптоми на ковид, а веќе има примено и вакцини.
Соработниците на Бајден објавија дека тој ќе се опоравува во својот дом на плажата Рехоб во Делавер, како и дека ќе направи пауза во кампањата. Сепак, очекувањата, според неговите соработници, се дека тој ќе се врати во кампањата и во Белата куќа веднаш штом неговите лекари дадат зелено светло.
Ова не е првпат на претседателот на САД да му биде дијагностициран ковид-19. Тој беше заразен двапати во 2022 година.
Инаку, ваквата дијагноза на Бајден доаѓа во време на интензивно испитување на неговото здравје и издржливост, по дебатата со поранешниот претседател и кандидат за втор мандат Доналд Трамп.