Според него, републиканците во Конгресот треба да кажат „доволно е“ и да работат со демократите на донесување разумни закони за контрола на оружјето
Пукањето во средното училиште во градот Виндер, Џорџија, при што загинаа четири лица, претставува „уште едно ужасно потсетување дека насилството со оружје продолжува да ги уништува нашите заедници“, изјави синоќа претседателот на САД, Џо Бајден.
Администрацијата, вели Бајден, ги координира своите активности со претставници на федералните, државните и локалните власти. Тој изрази и благодарност до вработените во службите за итни случаи кои го задржале осомничениот и спречиле понатамошни жртви.
„Моја лична цел стана да се запре оваа епидемија на насилство со оружје. Затоа потпишав двопартиски закон за иницијативата за безбедност на заедниците – најзначајниот закон за контрола на оружјето во последните децении, и применив десетици извршни мерки за поголема безбедност. Исто така, основав прва канцеларија за превенција на насилство со оружје во Белата куќа, под раководство на потпретседателката Харис. Постигнавме значаен напредок, но оваа криза бара уште поголеми напори“,
се вели во изјавата која е објавена на фејсбук-страницата на Белата куќа.
Според него, републиканците во Конгресот треба да кажат „доволно е“ и да работат со демократите на донесување разумни закони за контрола на оружјето.
„Овие мерки нема да ги вратат оние што денеска трагично загинаа, но ќе помогнат да се спречи понатамошното насилство со оружје кое ги уништува семејствата. Џил и јас жалиме по оние чии животи беа прекинати поради бесмисленото насилство со оружје. Ученици низ целата земја учат како да се скријат од заканите, наместо да учат да читаат и пишуваат. Нема да го прифатиме ова како нормално“,
додаде Бајден.
Најмалку четири лица загинаа, а околу 30 лица се повредени во пукање во средно училиште во Виндер во американската држава Џорџија.
Според директорот на Бирото за истрага во Џорџија, Крис Хоси, приведено е 14-годишно момче, осомничено за масовното пукање во кое беа убиени двајца наставници и двајца ученици.