Во соопштението на американската војска се вели дека во вчерашните напади погодила цели како што се командни и контролни центри, капацитети за складирање ракети, проектили и беспилотни летала и објекти за логистика и синџир за снабдување со муниција. Во нападите беа погодени повеќе од 85 цели, соопшти американската војска
Соединетите Држави вчера извршија воздушни напади во Ирак и Сирија врз повеќе од 85 цели поврзани со Иранската револуционерна гарда (ИРГЦ) и проиранските милиции, соопшти американската војска по нападот во Јордан во кој загинаа тројца, а беа ранети 40 американски војници.
Се верува дека нападите се само први во повеќестраниот одговор на администрацијата на претседателот Џо Бајден на нападот минатиот викенд од милитантите поддржани од Иран.
„Нашиот одговор започна денеска. Ќе продолжи во моменти и места по наш избор. САД не сакаат конфликт на Блискиот Исток или на кое било друго место во светот. Но, нека го знаат ова сите оние што сакаат да ни наштетат: ако му наштетите на Американец, ние ќе одговориме“,
рече американскиот претседател Џо Бајден.
Иако не беа погодени цели во Иран, нападите најверојатно ќе ја зголемат загриженоста поради ескалацијата на тензиите на Блискиот Исток предизвикана од повеќе од тримесечната војна на Израел со Хамас во Газа.
Во соопштението на американската војска се вели дека погодила цели како што се командни и контролни центри, капацитети за складирање на ракети, проектили и беспилотни летала и објекти за логистика и синџир за снабдување со муниција. Во нападите беа погодени повеќе од 85 цели, соопшти американската војска.
Целта на САД беа силите Кудс, огранок на ИРГЦ за воена шпионажа и паравојска, кои силно влијаат на милициите сојузници на Иран низ Блискиот Исток, од Либан до Ирак, Јемен и Сирија.
Сирија: Има многу мртви
Сириските државни медиуми во петокот објавија дека американската агресија на места во пустинските области и на сириско-ирачката граница резултирала со многубројни жртви и повредени. Претходно во петокот, Бајден и високи функционери на Пентагон присуствуваа на комеморацијата во воздухопловната база Довер во Делавер за тројцата американски војници убиени во нападот во Јордан.
Нападот во Јордан беше првиот фатален напад врз американските војници од почетокот на војната меѓу Израел и Хамас во октомври. САД веруваат дека дронот што уби тројца војници и рани повеќе од 40 е направен од Иран, изјавија американски официјални лица за Ројтерс.
Соединетите Американски Држави оценија дека дронот од кој загинаа тројца војници и беа ранети повеќе од 40 луѓе е изработен од Иран, изјавија американски претставници за Ројтерс. Но, Пентагон рече дека не сака војна со Иран и верува дека ниту Техеран сака бидејќи републиканскиот притисок врз Бајден се зголемува директно да го нападне Иран.
Иран: Силно ќе одговориме на нападите
Пред одмаздничките напади во петокот, иранскиот претседател Ебрахим Раиси рече дека Иран нема да започне војна, туку силно ќе одговори на нападите. Иранските советници им помагаат на вооружените групи во Ирак, каде што САД имаат околу 2 500 војници и во Сирија, каде што се стационирани 900 американски војници.
ИРГЦ неодамна го намали распоредувањето на високи офицери во Сирија поради серијата смртоносни израелски напади. Американските трупи биле нападнати повеќе од 160 пати во Ирак, Сирија и Јордан од нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври со кој започна војната.