Актуелниот американски претседател пред два дена официјално потврди дека ќе се кандидира за реизбор на претседателските избори во САД во 2024 година, дури и ако Трамп не се кандидира, оценувајќи дека треба уште многу да направи за да ја заврши својата работа и да се осигури оти САД се „економски и политички безбедни долго време“
Еден ден откако најави дека ќе се кандидира за втор претседателски мандат, американскиот претседател Џо Бајден изјави дека можеби и не е единствениот кандидат што може да го победи Доналд Трамп на претседателските избори следната година, но предупреди дека поранешниот републикански претседател е закана за САД, велејќи дека добро го познава начинот на кој работи Трамп.
„Можеби не сум единствениот што може да го победи Трамп, но добро го познавам и ја знам опасноста што ја претставува за нашата демократија. Тоа сме го виделе и претходно“,
рече Бајден.
Бајден пред два дена официјално потврди дека ќе се кандидира за реизбор на претседателските избори во САД во 2024 година, дури и ако Трамп не се кандидира, и оцени дека треба уште многу да направи за да ја заврши својата работа и да се осигури оти САД се „економски и политички безбедни долго време“.
„Мислам дека треба да ја завршиме работата“,
рече Бајден, цитирајќи го слоганот на неговата предизборна кампања.
Експретседателот на САД, републиканецот Доналд Трамп, претходно изјави дека евентуалниот реизбор на Бајден може да заврши лошо, можеби дури и со трета светска војна.
„Мислам дека нешто лошо може да се случи. Оваа земја има проблеми, ќе завршиме со трета светска војна. Тие зборуваат за нуклеарно оружје, а ние имаме човек кој не разбира што се случува. Украина и Русија се борат и ние сме вовлечени во тоа. Тоа ќе биде катастрофа“,
рече Трамп во интервју за ТВ-каналот „Њузмакс“.