Додека двајцата сакаат да поминат уште четири години во Белата куќа, анкетите покажуваат дека нема голема желба кај гласачите ниту Бајден ниту Трамп да се кандидираат за нов мандат
Реизборот на актуелниот американски претседател лидер Џо Бајден може да заврши лошо, можеби дури и со трета светска војна.
Вака претходникот на Бајден, Доналд Трамп, кој исто така планира да се кандидира за уште еден мандат, го коментираше неговиот ривал од последните претседателски избори откако актуелниот претседател денеска официјално ја објави кандидатурата.
„Мислам дека нешто лошо може да се случи. Оваа земја има проблеми, ќе завршиме со трета светска војна. Тие зборуваат за нуклеарно оружје, а ние имаме човек кој не разбира што се случува. Украина и Русија се борат и ние сме вовлечени во тоа. Тоа ќе биде катастрофа“,
рече Трамп во интервју за ТВ каналот „Њузмакс“.
Тој ја оцени како неуспешна надворешната политика на Бајден, за која смета дека ги зголемила тензиите.
„Ја имате Кина со Тајван – тие никогаш не зборуваа вака кога јас бев претседател бидејќи знаеја дека не можат така да зборуваат. Немаше шанси Украина и Русија да го прават тоа што го прават во моментов“,
рече Трамп.
Поранешниот претседател во интервјуто настапи и со уверување дека Бајден нема да освои уште еден мандат на изборите што треба да се одржат во 2024 година.
Додека двајцата сакаат да поминат уште четири години во Белата куќа, анкетите покажуваат дека нема голема желба кај гласачите ниту Бајден ниту Трамп да се кандидираат за нов мандат.
Анкета на Ројтерс и Ипсос, чии резултати беа објавени денеска, покажува дека околу две третини од испитаниците не сакаат тие да се кандидираат во 2024 година.
Кога станува збор за расположението меѓу партиските членови, пак, 44 отсто од регистрираните демократи кои учествувале во анкетата рекле дека Бајден не треба да бара реизбор. Кај републиканците, пак, 34 отсто од анкетираните не поддржуваат кандидатура на Трамп.
Анкетата на Ројтерс и Ипсос траела три дена и завршила вчера. Во неа учествувале 1 005 испитаници од САД, од кои повеќето се изјасниле дека се поддржувачи на една од двете партии – 445 демократи и 361 републиканец.